Европските жени веќе не си ги стегаат телата со корсети. Кинезите веќе не ги осакатуваат своите ќерки со врзување на нивните стапала. Но голем број јапонски жени зборуваат над својот природен опсег на глас, особено во формални контексти, на телефон или кога имаат контакт со клиенти.
Ова е вовед во текст на необичната тема од 1995 објавен во Њујорк Тајмс. Насловот е „Јапонскиот женски фалсет излегува од мода“, затоа што регистрира опаѓање на оваа практика, која сепак била актуелна во голем дел од историјата на Јапонија. Во не така далечното минато Јапонките биле одбивани за работни места, особено такви кои имаат врска со користење на гласот (како спикери или водители) бидејќи нивниот тон бил оценуван како „премрачен“. Оние кои биле примани пак го имитирале начинот на зборување на претходничките.
Слично стојат работите и со високите тонови на најавувачките на метро платформите и возовите во Токио. Постарите снимки содржат многу повисоки гласови од новите. Висината на тонот на женските пејачки исто така опаѓа. Анализа на фрекфенција на 200 песни од 1950-тите до крајот на 1980-тите покажува драматичен пад. А има и дуети во кои женските вокалистки сега го пеат понискиот глас од мажот.
Но зошто постоела ваква практика во минатото, која ги терала жените да користат сосема друг глас дома отколку на работа? Поентата е во љубезноста, а таа вклучува и повеќе препревање односно „цивкање“. Истовремено дел од оваа „игра“ е и обидот да се звучи несигурен дури и кога човек е прилично убеден во она што го кажува, односно да звучи „кревко“. Наспроти ова, понискиот тон на глас звучи премногу агресивно, односно мажествено. Но ова со високите тонови, барем за европски уши, звучи како сатира. Слушнете: