Меша Селимовиќ

„Тешко е да се биде човек, но уште потешко да не се биде"

Селимовиќ го нарекува тоа да се биде човек „подвиг“ - јунаштво е да живееш знаејќи дека животот е апсурден. И да оставиш трага позади себе, на добро, а не на зло.

Кој е вашиот Ахмед Нурудин (главниот лик во „Дервишот и смртта")?

Дервиш е секој човек кој верува во одредена идеологија, без оглед во која и каква. Тој е и верник и комунист, секој кој наоѓа потпора во општа догма. Околу толкувањето на моето дело имаше и недоразбирања. Велеа и пишуваа дека сум го препишал Куранот и источната филозофија. Јас не го познавам ни едното ни другото. Куранот го земав како симбол, како канон. Луѓето кои немаат своја мисла посегнуваат по туѓа.

Човекот не е битие кое е исчистено од добро или од зло. Добар е оној човек кој во себе има повеќе добро отколку зло. И злосторниците, на пример, имаат некои човечки импулси: помеѓу две колења ќе сакаат мачка, дете, птица, ќе почувствуваат љубов. И Офелија, симболот на најчистиот лик во книжевноста, ќе мисли на нешта на кои по својата чистота не би смеела, зарем не? Ако човекот се земе како подвиг (чојство), тогаш Хасан би му бил поблизок на доброто. Хасан нема идеолошко определување. Тој вели: овој човек е добар затоа што не им чини на другите зло.

Има ли во општеството спас за поединецот?

Спасот е она што човек ќе го одбере како свој пат. Човечкиот пат, единствено исправниот, можно е да се одбере. И сè е во тоа. Ако човек го избере оној другиот пат: на одмазда, моќ, омраза, на власт - тука му нема спас. Ако Нуредин го немаше одбрано таквиот пат, немаше да мора да страда. Спасот за човека тоа е негова лична одлука. А животот има смисла единствено ако се најде патот на љубовта.

Смртта е спас, решение, најголема среќа. Замислете го тој ужас да живееме илјада години. Сè би загубило цена, убавина. Не би знаеле да ја цениме ни љубовта, ни тој живот којшто заради неговата краткост и го сакаме.

Повеќе пати имате кажано дека човекот споро се менува. Ни се чини дека многу побргу се умножуваат човечките зла отколку добрата, дека има многу омраза отколку љубов...Во што е излезот?

Секогаш имало и добро и зло, модерниот свет не е посуров отколку стариот, можеби само ги има усовршено техничките средства кои поефикасно ја реализираат суровоста. А можеби денес сме и поинформирани за сето она што се случува во светот. Луѓето не се подобри, но да речеме, солидарноста во светот е посилна од кога и да е, особено во големите несреќи. Одбраната од злото го гледам во општествениот договор на што поголем број луѓе и човечки заедници, што постриктно да почитуваат некои елементарни човечки права.

Дали секој човек е губитник?

Зависи од тоа каков пат ќе одбере. Човекот се подготвува за смрт оној час кога почнува да живее. Неговиот век е краток и ако ништо добро не направил во животот, тој е губитник. Најголемата човечка желба е по него нешто да остане, трага на добро а не на зло. Ако во тоа успее, тогаш е во ќар.

Сепак, што е човек, а мора да биде човек?

Што е човекот не знае ни Његош. Но знае друго: дека човекот мора да биде човек. Неговото јунаштво се поставува како барање. Тешко е да се биде тоа, но уште потешко е да не се биде.

Лично, ми се допаѓа филозофијата на егзистенцијализмот. Животот е апсурден, а сепак ќе живеам, и покрај сè. Тука наоѓам една моќна, енергична одбрана од секоја слабост која тежината на животот би можела да ја наметне. Го сакам она на Ками: имам право да се убијам, но нема. Ќе живеам во мака и од инает, како што би рекле моите босански селани.

Дел од разговор со Селимовиќ од книгата „Писатели, мислења и разговори", Слобода, Белград, 1979.

Извор: Прометеј.ба

 

19 јули 2016 - 16:18