Во Театарот на млади во Загреб на 18. мај 19 актери кои ќе толкуваат 70 ликови ќе ја изведат претставата „Алан Форд" по текст на Магнус и Макс Бункер, драматургот Ненад Брикси, како и на самиот режисер Дарио Харјачек.
Пораките на некогаш популарниот стрип денес изгледаат поактуелни од кога и да е - сиромаштијата и богатството се само различни страни на една иста беда предизвикана од славењето на парите како апстрактна вредност. Но не се „трули" само богатите. Претставата сака да го разбие идеалот на скромноста, чесноста и моралната беспрекорност на сиромашните, кои често се еднакво смешни и еднакво вредни за презир како и милионерите. Всушност и едните и другите му служат на ист Бог.
Да потсетиме: главни ликови во приказната се Алан Форд и Боб Рок, тајни агенти на групата ТНТ, чиј главен непријател е Суперхик, анти-суперјунак кој од презир кон нечистотијата која ја оставаат сиромашните одлучува да стане борец за правда, што значи да одзема од сиромашните за да им даде на богатите, на оние кои според него знаат како треба да се живее. Тој обратен систем на вредности е ироничен и пародичен, но и чудно препознатлив.
„Не е проблемот што луѓето во претставата или во стрипот ја препознаваат стварноста туку тоа што во стварноста има премногу Алан Форд" - вели режисерот. Некогашната популарност на стрипот тој пак ја објаснува на овој начин: „Тоа време луѓето многу одеа во кино и фимот беше допир со тој свет на Америка со кој тие беа фасцинирани. Алан Форд има свои корени во филмските естетики - од немиот филм и филм ноар до криминалистичкиот филм - така што самата структура е по малку филмска. Ние оваа претстава ја нарековме Брехт-ноар затоа што таа во сценска смисла има свои корени во брехтовската поетика, којашто Магнус и Бункер исто така ја користеле. Мислам дека Алан Форд е Брехт во стрипот" - додава тој.