Магацинот на Амазон во Рагли, Стафордшир (слика долу), е на простор голем колку отприлика 10 фудбалски стадиони. Исполнет со подвижни ленти и огромни ходници, атмосферата во него е морничава, иако (или токму затоа што) сè е прецизно одбележано и ефикасно.
Во текот на последнава деценија, Амазон, најбогатата компанија во светот, е постојано критикувана поради монструозните услови за работа. Работниците наводно мораат да пешачат и по 25 километри дневно, имаат прекратки паузи, премалку се платени а прекувремените работни часови се обврзни.
Во изминатите две години, Кезиа Кол и Ричард Хеј ја развивале „Исполнетост“ (Fulfilment), театарска претстава за роботи, вештачка интелигенција и работничките права на оние кои работат за Амазон. Тие се движеле во пабовите и по возовите околу магацините на Амазон, или како што тие ги нарекуваат „центри за исполнување (на соништа)“. Зборувале со повеќе од 70 вработени, главно „пикери“ и „пакери“ (оние кои рачно ги наоѓаат и ги сортираат пакетите). Еден од нив изјавил дека за секое процесирање на пакет му биле дадени по 15 секунди, што не е доволно ни истиот да се регистрира, а камоли да се смести на вистинското место.
„Исполнетост“ меша реални транскрипти од разговорите со овие луѓе со импровизации кои на сцената ги прави Робокс, една од куклите во претставата во форма на робот, висока метро и пол со светли очи кои не трепкаат. Тројцата куклари се облечени како вработени во Амазон и не се скриени туку на ачик.
Робокс во живо учи за публиката, им поставува прашања, и ги поттикнува преку него да ги контролираат нештата на сцената, на пример да го менуваат светлото (како што би правеле преку Алекса). Но иако најпрвин е забавно, наскоро работата почнува да станува помрачна и позастрашувачка. Поентата е двојна, и се однесува и на нашата преголема доверба во ваквите „гаџети“ со кои споделуваме информации за нашиот приватен живот, но и на тоа дека Амазон ги третира и своите вработени како роботи.
Авторите на претставата по ова искуство го бојкотираат Амазон, и се надеваат дека нивното дело ќе поттикне и други да купуваат посвесни за тоа од каде го прават тоа, и кого финансираат.
Претставата игра во „Андербели“, Единбург, од 1-25 август.
Види претходно: Амазон патентирал „кафез“ за работници