Седмата епизода од четвртата сезона на „Круната“ почнува со нешто што изгледа неповрзано со темата на епизодата. Две жени во психијатриска болница, како ја гледаат кралицата Елизабета на телевизија. Кога почнува емитувањето, тие стануваат, а едната дури и салутира кон екранот. Во првиот половина час сивите сцени од болницата и нејзините пациенти се мешаат со оние во кои принцезата Маргарет (сестра на кралицата Елизабета, ја игра одличната Хелен Бонам Картер), се бори со сопствените психички проблеми и одлучува прв пат да појде на терапија.
„Дали знаете за некој од најблиското сродство кој има психички проблеми? Прашувам затоа што помеѓу колегите се знае за сестрите“, вели докторката на Маргарет.
„Сестрите“ се всушност токму жените од почетокот на епизодата, Нериса и Кетрин Боус-Лајон, први братучетки на Маргарет и на кралицата, за кои во официјалните документи за кралската лоза стои дека се одамна починати. Кога пријател на Маргарет е испратен инкогнито во болницата за да провери, тој го потврдува сомнежот - дека Нериса и Кетрин се таму, но дека со нив има уште неколку други роднини.
Двете жени се всушност ќерки на Џон Херберт Боус-Лајон, брат на кралицата-мајка. Кога нејзиниот сопруг, Џорџ Шести, неочекувано стапил на тронот по абдикацијата на брат му, Едвард Осми во 1936, и Елизабет Ангела Маргарит Боус-Лајон неочекувано станала кралица. Ова истовремено значело дека Боус-Лајонси од незначајни шкотски аристократи станале директни крвни сродници со круната. Ова повлекло привилегии, но и потреба да се скрие една голема тајна - менталниот хендикеп на двете внуки на мајката-кралица односно братучетки на денешната кралица Елизабета Втора и нејзината сестра Маргарет.
Нериса и Кетрин биле затворени во кралската болница Ерлсвуд во 1941. Во тоа време Нериса имала 22, а Кетрин само 15. Иако нивните точни дијагнози не се познати - во тоа време биле нарекувани просто „имбецили“ - се знае дека тие не можеле вербално да комуницираат и ментално биле на шестгодишна возраст. Обете останале во болницата до својата смрт, Нериса во 1986, а Кетрин во 2014.
Јавноста дознава за случајот не преку пријател на Маргарет (како што е во серијата), туку преку новинар од британски таблоид кој успева да се вовлече во болницата и да ја слика Кетрин како седи на столица со збунет израз на лицето. Набргу сликата е на насловната страница на „Сан“ со наслов: „Братучетка на кралицата затворена во лудница“. Следува лавина реакции, а кралското семејство главно се воздржува од коментар. Во серијата излегува дека кралицата-мајка знаела за ситуацијата но била соучесник во криењето поради „тенката нишка на која и онака виси правото на наследување“, која лесно може да се скине ако се докаже дека во крвта на наследниците има и „неквалитетни“ гени. Во реалниот живот таа тврдела дека не знаела за внуките до 1982, и дека нивното затворање во болницата не била директна реакција на тоа што станала кралица, бидејќи приемот во болницата се случил пет години по овој факт. Исто така, не постои доказ дека принцезата Маргарет тајно ги посетила братучетките, ниту пак дека се конфронтирала на оваа тема со остатокот од семејството.
Ова не било прв пат семејството Боус-Лајон да е обвинето за лудило - во 1800-тите се ширеле гласини дека првородениот син на извесен лорд Гламис од истото семејство бил „чудовиште“ и затворен во истоимениот замок, каде живеел дури 100 години. Сепак, приказната не се однесува само на кралските семејства и начинот на кој биле третирани нивните „несоодветни“ членови, туку и на третирањето на психијатриските болни во историјата воопшто.