За инает на сите

Тасовац иден министер за култура на Србија?

Кај нашиот северен сосед во тек е реконструкцијата на 18 министерства. И тоа не би било интересно за Букбокс да не се спомнува, како сериозен кандидат за иден министер за култура, и едно нам драго име. Текстов сфатете го како навивање, или просто како симпатија кон ваквите ликови.

Ако навистина помине како кандидат на Српската народна странка, Иван Тасовац, сегашниот директор на Белградската филхармонија, ќе биде иден министер за култура на Република Србија.

Оние кои го следеле ликот и делото на Тасовац веќе знаат зошто е тоа интересно - човекот со откачената фризура и остриот јазик, кој во јавноста стана најпознат како член на жирито на „Јас имам талент", професионален пијанист кој првиот јавен настап го имал на шест години, образован во конзерваториумот „Чајковски" во Москва, кога се нафати да стане директор на белградската филхармонија во 2001 немаше ниту еден ден искуство во управување со каква и да е институција. Во тој момент зградата беше полна влага, се излеваше канализацијата, немаше вентилација и греење, музичарите немаа инструменти, концертна сезона не беше планирана една деценија наназад...

Но работите почнаа да се менуваат. Зградата се реконструира, почнаа да пристигнуваат донации за инструменти, да доаѓаат познати диригентни и солисти, а и самиот оркестар да шета по турнеи. Кога во 2004. Зубин Мехта бил во Белград и одржал концерт, се откажал од хонорарот заради „фанатичниот ентузијаст, живиот и енергичен директор Иван Тасовац" и со тоа основал фонд за купување на оркестарски инструменти. Полека филхармонијата стана најдобра институција од областа на културата, а картите за целата сезона почнаа да се продаваат како алва. Еден од триковите на Тасовац - одличната и необична реклама. Како кога на среде улица во центарот на градот, кај најпопуларните белградски кафулиња, дел од оркестарот пред посетителите извел краток концерт и на крај извадил транспарент „Фала што не доаѓате". Некои му се лутеа на дрскоста, други го поддржуваа, но целта на Тасовац беше постигната - и класичната музика стана провокативна.

Во 2009. тој поднесе оставка како протест поради ниските плати на музичарите од Филхармонијата. Министерството за култура на Србија веднаш ја прифати оставката, но јавноста збесна. Мехта дури и му пиша лично на Тадиќ. На крај владата на Србија ја одби оставката, а насловот на првата сезона после таа бура беше „За инает на сите и наспроти сè'".

Оние кои го следат Тасовац на Твитер знаат колку знае да „гризе" со ставовите и изјавите - како на пример она дека да си љубител на класична музика во Србија е исто што и да си љубител на чварки во Техеран, дека никогаш не можеш да бидеш сигурен кој од српската политичка елита ќе има најкретенска фаца и ќе биде најиспотен при китењето на трубачите во Гуча, или кога го цитира Роки дека не е важно колку силно удираш, туку колку удари можеш да поднесеш.

Во 2011 белградско „Време" го прогласи Тасовац за личност на годината, еве го интервјуто кое го даде по тој повод. Колку и да знае да биде циничен и суетен, сепак знае дека она што е важно за тоа колку сте голем во некоја средина е со кого се споредувате. „Со моите 170 и жилет веројатно без поголеми проблем би бил и најрепрезентативниот центар на пигмејската кошаркашка лига, но бидејќи знам дека постои НБА, тоа не ме исполнува со претерано самозадоволство". Лекција која тешко дека ќе стигне до некои од менталните Пигмејци од областа на културата, каде и да се.

Еве ја неговата дефиниција за „херој" и омиленото мото (via Сартр), кое му стои добро, исто како и марамата.

 
26 август 2013 - 09:35