Светот и претходно знаел за вакцинални пасоши

Годината е 1885. Американските погранични власти во доцниот 19 век не очекувале патниците да поседуваат документи кои денес се подразбираат за меѓународни патувања. Но тие од нив барале да покажат една од овие три работи како доказ дека прележале големи сипаници: документ за вакцинираност, соодветна лузна на раката или „издупчено“ лице.

Предложените вакцинални пасоши од Ковид-19, односно електронски потврди за тоа дали некој е вакциниран или не како услов за преминување меѓународни граници, се дочекани со бурни реакции. Едни велат дека тоа би ги нарушило индивидуалните слободи, други се загрижени дека тоа е уште еден елемент за засилување на државната контрола. Трети пак сметаат дека ова е единствен начин да се врати „нормалата“.

Ова сепак не би било прв пат да се воведе ваков сертификат. Создадена во западниот век во 18 век, вакцината од големи сипаници (за чија историја детално пишувавме тука) била прва од ваков вид. Најпрвин се нанесувала со гребење на кожата и вметнување пустуларен материјал (течност од пликчиња на заболен) во расекотините. Поради специфичната лузна што останувала притоа, Американците ја третирале како некој вид документ или ран вакцинален пасош. Ова било и назнака за тоа кој прележал, а кој допрва требало да се вакцинира, тогаш кога почнала масовната вакцинација од оваа болест.

До крајот на 19 век американските здравствени работници притискале за уште поагресивен пристап кон вакцинацијата. Во некои држави во САД полицијата и докторите имале право да влегуваат по куќи и да бараат од домашните да им бидат покажани или лузни или документи за вакцинација, или да одговараат согласно законот. Истото важело и за оние кои сакале да ги преминат карантинските бариери поставени во градовите, кога прегледите биле правени на улица.

Во 1901 еден доктор од Чикаго напишал: „Вакцинациите треба да бидат пасош за влез во јавните училишта, гласачките места, столчето на поротата и секаква друга позиција на должност, привилегија, профит или чест која ја укажува државата“. Фабриките, рудниците, железницата и други индустриски работни места каде на мал простор работеле повеќе луѓе почнале да бараат вакви докази. Иако имало работници кои давале отпор, принципот бил јасен - нема вакцина, нема работа.

Секако не биле само работниците тие што се противеле. Но претходниците на денешните антиваксери имале не само здравствени туку и поинакви секирации. Весниците биле полни со гласини за млади жени кои се обидувале да одбегнат вакцинација за да не си ги унаказат рацете со лузна. Таква која за среќа денешните вакцини од Ковид-19 не ја остава. Но истовремено, отсуството на лузна значи дека потврда за вакцинираност треба да се обезбеди на некој друг начин, кој е се уште тема на дискусија.

извор

9 април 2021 - 09:46