Песна на денот

Стојам и се гледам како постојам

Поетот Дарко Рундек и неговите стихови со вкус на солена кожа и стопен сладолед, наместо разгледница од некогашното „наше“ море.

Едно дете загриза јаболко
провокативно гледајќи еден пес
кој со неразбирање ја сврти главата
и не забележувајќи ја мачката,
која веќе некое време го имаше на око
и сега со меко движење
преку искривеното стебло
мина во дворот.

Стариот човек ја превртува Слободна Далмација
пронаоѓајќи текст кој го интересира
и ги подместува наочарите.

Низ прозорецот прво лета чаршаф, а по него и раце
на некоја можеби млада жена

Во кафичот ја засилија музиката

Ти имаш бела блуза и црна сукња
и косата ти е уредна
Мислев дека Боросаната е мртва
Замислена си

Можеби мислиш на мене
Можеби не пазевме доволно
Можеби си добила

Сеќавањето на допирот се меша
со острото присуство
на палмини гранки и со посебната акустика
која ја носи жолтеникавиот воздух
на топлиот ран самрак
и мирисот на пластика
од евтини играчки за плажа
кои полека ги паркираат дневните продавачи
Се меша со допирот на свежо белата
маица на солената кожа
и со наострените брадавици
Со мирисот на одамна истопениот сладолед
од недојадените корнети
и хартијата од кантата покрај сладоледарницата
во горниот дел на костимите за капење
И со впиеното сонце кое зрачи
од слабичките тела
на две мрсулави момчиња
кои тука се мотаат како улични кучиња
Во далечината минува брод крстосувач
на кој се подготвува бал

А јас стојам и се гледам како постојам

Ајде вечерва да го земеме чамецот
од татко ти и да тргнеме
на весла низ трагата на месечината
кон големиот брод крстосувач
Ти веќе си во вечерен фустан, јас во фрак
Ти си го понела накитот од баба ти
Тивко се прикрадуваме и се качуваме
по онаа даска која го поврзува сидрото за бродот
и се замешуваме во толпата
Горат веќе горат лампиони
се точи шампањ
а на најголемата палуба мексиканска клапа
ја свири онаа старата песна на која заедно се ежевме, ти и јас драга.
Драга? Аха.
Ајде да се качиме на подиумот,
песната почнува и фраерот со сомбреро пее:

Сantando bajo la luna
Yo se que la vida es sueño
El sueno es querer
El sueno es morir

por eso quiero saber
Porque me duelle tanto
Que stas tan lejos

Lejos de mi alma,
de mi cuerpo
De mi corazon

Si estarias a mi lado
Navegariamos tratranquilos por los sueňos
Mientras la luna en nuestra laguna
No para de reir

а јас стојам и те гледам како постоиш
и ти стоиш и ме гледаш како постојам.

 

3 април 2013 - 10:05