Мираз, чеиз, приќе: кратка историја на еден обичај

Меѓу различните практики поврзани со бракот, еден од најраспространетите низ историјата е миразот. Иако денес во многу општества се смета за застарена или неправедна практика, тој со векови играл важна улога во уредувањето на брачните односи, наследството и економските врски меѓу семејствата. 

Во наједноставна смисла, миразот е пари, имот или други добра што невестата ги носи во бракот и кои формално му се предаваат на сопругот или на неговото семејство како дел од брачниот договор. Практиката стапувањето во брак да вклучува пари или имот од женска страна е многу стара и се среќава во бројни култури низ светот. Еден од најраните записи за мираз се појавува во Законикот на Хамураби, древен вавилонски правен кодекс. Во него се содржани сложени правила што ги уредувале речиси сите можни ситуации во бракот. Иако денес може да изгледа неправедно и како трговска трансакција помеѓу две семејства во која невестата е дел од „пакет“, заедно со овци, ќилими или златници, првичната идеја на миразот била да обезбеди финансиска сигурност за жената.

Иако при склучувањето на бракот овој имот формално преминувал кај сопругот, законите (оние запишаните, но и оние обичајните кои биле исто толку формални колку и првите) често ја штителе жената. Ако таа умрела пред сопругот, миразот преминувал на нивните деца, а ако немале деца – се враќал на нејзиното семејство. Доколку жената имала деца од прв брак, тие имале предност во наследството при повторно мажење на мајката. Личната облека, накитот и рачните изработки (ткаенини, делови од носија, чаршафи) биле исклучиво на жената, а таа ги подготвувала учејќи ги ракотворните вештини уште од дете.

Римјаните ја презеле оваа практика и дополнително ја регулирале со низа закони. Иако миразот не бил неопходен за бракот да биде правно валиден, општествените очекувања биле таткото на невестата да придонесе со средства за нејзиниот нов живот. Римското право дури предвидувало правила што ги спречувале татковците да го задржат миразот за да го спречат бракот ако не се согласувале со изборот на ќерката.

Во средниот век традицијата во Европа станала толку распространета што миразот често се носел во богато украсени ковчези на самиот ден на венчавката (можеби сте наследиле некој од вашите прабаби?). Ова важело за сите слоеви од општеството, со тоа што секако побогатите сакале да се истакнат со што поскапоцени мирази. Така, во Тудорска Англија, миразот бил важен инструмент за создавање политички и семејни сојузи меѓу благородничките семејства. Познат пример е оној на Катарина Арагонска, која во 1501 година се омажила за принцот Артур од Велс. Нејзиниот мираз изнесувал тогаш неверојатни 200.000 круни (отприлика денешни 70 милиони долари).

Во патријархалните општества (а такви биле повеќето), ако невестата имала браќа, миразот што невестата го добивала за време на мажачката бил сè што добивала од родителите и немала право на друго наследство. Во Македонија и воопшто во поранешна Југославија тоа било прекинато со законодавството по Втората светска војна, кога сите деца, и машки и женски, добиле еднакви права на наследство. Но, и покрај тоа, во многу рурални средини сè уште се одржува овој обичај, каде ќерката доброволно (со или без наводници) се откажува од својот дел од наследството. 

Движењата за женски права и идеите за еднаквост во текот на 20 век дополнително придонеле оваа практика да исчезне во многу западни општества. Сепак, во некои земји и култури миразот сè уште постои. Дури и таму каде што законите го забрануваат - како на пример во Индија, каде што со закон од 1961 година е формално укинат - традицијата често продолжува да се практикува, барем како симболичен обичај. 

5 март 2026 - 09:21