Колм Тојбин од Њујорк Тајмс, во текст посветен на изложбата, открива еден посебен детал - улогата која врз животот и делото на Пруст го имала една жена, која тој ја нарекува „бауч", или страшило.
Мадам Пруст, или Жан Клеменс Вел, мајката на Марсел, на една од претставените фотографии на изложбата на која позира со двајцата синови, е строга и прекорна, со цврсто стиснати усни и поглед закован за подот. Ќерка на богати родители, Евреи од Алзас, таа била начитана и со големо животно искуство, додека нејзините момчиња делуваат нежно, како мачиња. Ако добро се загледате, Марсел (прв од лево) е помалку самоуверен, а понервозен од неговиот брат Роберт.
Првото изложено писмо е клучно за разбирање на нивниот однос. Мајка му му го испратила во 1895, кога тој имал 24 години. Во него таа изразува загриженост дека тој предоцна си легнува и бара од него прецизни податоци во врска со тоа, па пишува Couche (легнување) и празна линија за тој да го пополни времето, небаре на некаков формулар, и Leve (станување) и уште една празна линија за точното време на будење.
Тетратките кои ги користел на почетокот од активното пишување повеќе личат на моден додаток отколку на вистински алат - премногу се долгнавести и тесни, на секоја линија собира најмногу три-четири зборови, а на корицата има fin de siècle илустрации. Една од нив е подарок од Женевиев Бизе, вдовицата на славниот композитор Жорж Бизе, чиј син Жак бил голема љубов на Пруст. Токму во неа младиот Марсел, кој не е сигурен дали ракописот кој го започнал роман или филозофски есеј, напишал: „Дали сум јас писател?".
Набргу, кога украсните тетратки ќе бидат заменети од попрактичните вежбанки, станува јасно дека тој Е писател. Изгледа дека имал навика да кине страници и да ги лепи на друго место, а има и доста преправки и прецртувања. Изложбата особено се занимава со скиците и тетратките за Du côté de chez Swann (на англиски Swann's Way, на македонски „Накај Сван" во одличен превод на Ѓорги Марјановиќ), првиот том на неговото ремек дело објавено пред сто години. Тие ѝ припаѓаат на збирката на Националната библиотека на Франција, и до сега немаат патувано вон Париз.
Но посетителите кои се надеваат дека токму во овој роман ќе го видат првото појавување на зборот „мадлена" ги очекува изненадување. Во работната верзија на „Сван" од 1910. се појавува баналното „бисквити", кој дури подоцна ќе биде заменет со антологиското колаче (рецепт тука). Тоа е нешто како во работната верзија на „Старецот и морето" стариот да лови скуша.
Прустовиот ракопис според Тојбин е грд, тоа е ракопис на писател а не на „денди", и посетителите кои знаат француски ќе се забавуваат обидувајќи се да ги протолкуваат зборовите на големиот број неуредни преправки страници на ракописите. Но, во писмо до неговиот издавач, додека се обидува да го објасни дејството на својот роман, еден збор е напишан прилично јасно.
Имено, во писмото до Алфред Валета, уредник на Le Mercure de France, Пруст му го опишува текстот на кој работи како „вистински роман, и тоа на некои места непристоен. Еден од главните ликови е хомосексуалец". Токму последниов збор се издвојува, напишан е многу читливо, па стекнувате впечаток дека токму него уредникот требало убаво да го види и да го запомни. А можеби е намерно напишан толку разговетно, за maman да може да го забележи од небото.
(на фотографијата која своевремено ја скандализирала мајка му на Пруст, околу 1894: Пруст седнат, од десно Лисјен Доде, француски писател и сликар, син на пославниот Алфонс Доде, за кого се смета дека му бил љубовник)