Стихови на денот

Да сум машко

Да сум машко, би пуштила мустаќи и би пиела многу пива
би раздевичила една девојка - знам точно и која,
и би уживала гледајќи ја како ме гледа маѓепсано.

Да сум машко, би ја терала за мене да направи торта
сложена, со многу состојки
и би уживала гледајќи ја како сецка, меле и мати.

Да сум машко, би ѝ напишала долго писмо
во кое би ѝ признала дека никогаш нема да се женам
и би уживала гледајќи ја како неутешно плаче
и ги брише солзите внимавајќи да не размачка ниту еден мој збор.

Да сум машко, потоа би заминала некаде во светот
носејќи ја во внатрешниот џеп нејзината слика
и би уживала гледајќи колку се нејзините очи вечно сини и сјајни,
а на сите други жени би им викала
дека можат да ѝ се фатат.

Јелена Ленголд (од збирката „Бунар на тешки зборови“, превод И.Ј.)

 

 

27 мај 2012 - 15:13