Но, авторот на текст на оваа тема на Сабстек, Конор Фицџералд, укажува на еден парадокс: колку повеќе јавниот простор се контролира преку морална осуда и општествен притисок, толку поголема моќ добиваат оние што не се плашат од таквите санкции. Нивната бесрамност, провокативност и подготвеност да ги прекршуваат непишаните правила можат да се претворат во своевидна супермоќ.
Доналд Трамп е првиот и најочигледен пример. Неговата привлечност за дел од гласачите, според авторот, не произлегува само од неговите политички ставови, туку и од фактот што не се однесува според очекувањата за тоа како треба да се однесува еден угледен политичар. Додека други конзервативни политичари се повлекуваат кога ќе бидат обвинети за расизам или за прекршување на општествените норми, Трамп често продолжува без да покаже дека го засега осудата. Таа бесрамност испраќа порака до неговите поддржувачи: не може лесно да биде замолчен со закани за нарушување на угледот. Авторот смета дека токму затоа не може едноставно да се одвојат неговите наводни „добри“ особини – одлучноста и неподложноста на притисок – од грубоста и провокативноста. Во политичка средина во која осудата станува средство за дисциплинирање, прекршувањето на правилата е дел од самата стратегија.
Слична логика Фицџералд препознава кај Ник Фуентес, екстремно десничарски политички коментатор познат по расистички, антисемитски и други провокативни ставови. Неговата публика, според авторот, не мора нужно да се согласува со сè што зборува за да го смета за привлечен или вреден за слушање. Напротив, дел од неговата привлечност произлегува од тоа што е подготвен да изговори нешта што другите се плашат да ги кажат поради последиците за нивниот углед. Дури и кога претерува, се шегува или си противречи, самата подготвеност да ги премине забранетите граници му носи поени кај публиката што смета дека јавниот дискурс е премногу контролиран.
Заедничко за овие и сличните на нив не е тоа што ги делат истите политички ставови или морални вредности, туку тоа што функционираат во средина со две навидум спротивставени карактеристики. Интернетот овозможува невидено ширење информации и лесно откривање факти што можат да ги поткопаат доминантните наративи. Истовремено, тој овозможува масовно следење на однесувањето, организирана осуда и притисок врз луѓето што излегуваат од прифатените граници. Повеќето луѓе, предвидува авторот, ќе се приспособуваат на тие правила за да го зачуваат својот општествен статус. Но, помал број луѓе ќе станат сè понепопустливи, бидејќи сфаќаат дека веќе се означени како неприфатливи и дека немаат многу што да изгубат. Тие можат да станат влијателни токму затоа што не зависат од одобрувањето на оние што ја контролираат јавната дебата.
Завршната поента на текстот е предупредување за несаканите последици од културата на јавно посрамотување. Кога општеството се обидува да го контролира говорот главно преку етикетирање, морална осуда и закани за репутацијата, не ги замолчува нужно спорните идеи; понекогаш само им дава предност на оние што се најмалку чувствителни на осудата. Така се создава парадоксална ситуација: мнозинството станува повнимателно и поплашливо, додека малцинство провокатори добива поголема видливост и влијание. Фицџералд не тврди дека Трамп, Фуентес и останатите како нив се морално или политички исти, ниту дека нивната бесрамност сама по себе е доблест. Неговата теза е дека дигиталната средина создава услови во кои непопустливоста кон општествените санкции може да стане моќен ресурс – а системот што се обидува да ги контролира луѓето преку осуда може ненамерно да ги произведе токму оние што најуспешно му се спротивставуваат.