Огромен музеј на Битлси ќе биде отворен во 2028 во Ливерпул

Родниот град на легендарната четворка ќе добие нова, oгромна туристичка атракција посветена на бендот. Проектот ќе ги оживее клучните места од историјата на Битлси, од нивното детство во Ливерпул до концертите во Хамбург, Лондон и Њујорк.

Новиот музеј посветен на Битлси во Ливерпул треба да биде отворен во 2028 година и ќе зафаќа околу 9.300 квадратни метри, односно приближно четири пати повеќе од сегашниот простор на музејот The Beatles Story, кој се наоѓа во поранешните пристанишни магацини на Ројал Алберт Док и работи од 1990 година. Новата локација е поранешниот трговски центар „Сент Џонс Маркет“. Просторот е затворен од 2024 година, а сега треба да добие сосема нов живот. Уште поважно, музејот за првпат ќе биде во сопственост на „Епл Корпс“, компанијата на Битлси, со што ќе стане официјално искуство посветено на бендот во неговиот роден град.

Посетата е замислена како повеќечасовно патување низ историјата на групата. Наместо само да гледаат предмети зад стакло, посетителите ќе можат да влезат во реконструирани простори поврзани со животот и кариерата на Битлси: нивните домови од детството, легендарниот клуб „Каверн“ во Ливерпул, клубовите во Хамбург каде што го усовршувале својот настап, студиото „Еби Роуд“ и стадионот „Шеј“ во Њујорк, каде што хистеричните крици на публиката биле толку гласни што музичарите не можеле да се слушнат меѓусебно. Тука ќе биде оживеан и покривот на зградата на улицата Савил Роу во Лондон, каде што Битлси го одржаа својот последен јавен настап во 1969 година.

Покрај музејот, „Епл Корпс“ ќе ја преземе и обновата на „Сент Џонс Бикон“, кулата висока околу 137 метри, една од највисоките згради во Ливерпул. И таа е затворена од 2024 година, кога престанала да работи нејзината панорамска платформа, а се иселиле и радиостаниците што ги користеле нејзините простории.

Новата атракција ќе биде инспирирана од анимираниот филм на Битлси од 1968 година, „Жолтата подморница“, со неjзината психоделична естетика, фантастични ликови и разиграни бои. Така, наместо уште една класична музејска поставка, градот ќе добие и простор што ја претвора визуелната имагинација на бендот во физичко искуство.

извор

22 октомври 2026 - 07:57