Пред да се појават мазните асфалтни патишта по кои денес возиме, патувањето често било вистинско искушение. Патиштата биле земјени, па по дожд се претворале во калливи корита, додека оние поплочени со големи камени плочи биле скапи за изградба и често не издржувале долго. Во 18 век, кога трговијата и транспортот сè повеќе зависеле од сигурни копнени врски, подобрувањето на патиштата станало едно од важните инфраструктурни прашања. Решението го понудил шкотскиот инженер Џон Лаудон Мекадам (1756–1836).
Тој не верувал дека за да се изгради цврст пат мора да се користат огромни камени блокови. Според него, поважно било да се спречи задржувањето на водата и правилно да се распореди материјалот од кој е направен коловозот. Затоа предлагал патиштата да се издигнат над околниот терен, за дождовницата да може да истекува, а површината да се изработи од повеќе слоеви ситно искршен камен. Камчињата требало да бидат приближно еднакви по големина и внимателно распоредени, така што со набивање ќе создадат цврста, компактна површина.
Овој систем станал познат како „макадам“, според презимето на неговиот пронаоѓач. Неговата предност била во едноставноста: наместо скапи камени плочи, се користел дробен камен, а правилната конструкција овозможувала патот да биде поевтин, поиздржлив и полесен за одржување. Мекадам не измислил само нов начин на поплочување, туку понудил систем што можел да се примени на големи растојанија и да го направи патниот транспорт подостапен.
Патиштата со макадам биле претходници на подоцнежните коловози во кои каменот се врзувал со катран или битумен. Во средината на 19 век почнале да се развиваат методи што овозможувале површината да биде уште поцврста и помалку подложна на вода и распаѓање. Терминот тармакадам подоцна бил скратен во зборот тармак, кој и денес се користи за асфалтирани површини, особено во британскиот англиски. Така, идејата на Мекадам станала дел од долгата историја на патиштата што постепено довеле до современиот асфалт.
Животниот пат на Мекадам бил подеднакво интересен. Роден во Шкотска во 1756 година, во 1790 година заминал во Њујорк, каде што се занимавал со трговија и стекнал богатство. По враќањето во Шкотска купил имот и се вклучил во управувањето и одржувањето на патиштата во областа Ершир. Токму практичната работа со патната инфраструктура му овозможила да ги согледа слабостите на постојните методи и да развие поефикасен пристап.
Последиците од неговата работа биле многу поголеми од подобрувањето на самото патување. Поевтините и посигурни патишта им овозможиле на градовите и селата полесно да се поврзуваат, ја олесниле трговијата и го забрзале движењето на луѓето и стоките. Во следните децении, ваквата инфраструктура станала особено важна со ширењето на автомобилите, кога патиштата морале да издржат поголем сообраќај и нови видови оптоварување.
* Бонус трака за читателите што стигнуваат до крај на текстовите - од каде се црпи инспирација „зад сцената“?
Кога пред спиење го читаш романот „Ме'мед, црвената бандана и снегулка“ на Семездин Мехмединовиќ, може да ти се вреже в глава дел во којшто се опишува спомен од детството - невнимателните возачи кои кога минувале брзо преку макадамот ги расфрлале камчињата и ги повредувале децата што играле крај патот. Спомнат е и Мекадам како изумител на истиот.
Во сон ќе ти текне дека тоа е добра тема за текст, ама бидејќи знаеш дека ќе заборавиш, за миг се будиш, го земаш фломастерот на наткасната до креветот и на раката запишуваш - М. Наутро седнуваш на тастатура и ти текнува.
