„Стихијна и анархоидна состојба“ - текстот против надреализмот на Димитар Митрев од 1957

Неодамна известивме за необична промоција на книга - хроника на еден век надреалистичко движење кое започнало во Франција во 1924-та. Тоа во педесетите пристигнало и во Македонија. Но големите имиња на тогашната книжевна критика во најмала рака не му биле наклонети.

На необичната промоција на книгата „Птици во аквариум: надреализам 1924-2024“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ во аулата на Филолошкиот факултет (види претходно тука), каде беше симулирано судење на авторите, како сведоци на обвинителството се јавија духовите на Георги Старделов и Димитар Митрев, низ читање на нивни статии против надреализмот.

Текстот на Митрев, објавен во „Млад Борец“ од 14.12.1957 го прочита студентката на општа и компаративна книжевност, Ангела Бошкоска. За контекст, да напоменеме дека во моментот на излегувањето на статијата Митрев има 38, а Влада Урошевиќ, авторот кој подоцна ќе стане еден од најзначајните претставници на македонскиот модернизам фокусирајќи се токму на надреалното, има 23 години. Две години подоцна (1959) од печат ќе му излезе првата книга поезија, „Еден друг град“. 

Статијата ја пренесуваме онака како што е објавена, со коректорски грешки и јазик, кој е или резултат на стилот на Митрев или пак бил вообичаен за тој период (егзестира, увлеченија, прогрестно, интелектуалски...).

ШТО Е НАДРЕАЛИЗМОТ И ИЗГЛЕДИТЕ ЗА АФИРМАЦИЈА?
Димитар Митрев

Надреализмот е еден од декадентните правци во уметноста околу 1927 година во Франција, а траеше до 1932 година. Неговите оснивачи се француските поети Андре Бретон, Пол Елијар и Луј Пратон. Во Југославија надреализмот настанува околу триесетата година, а во 1931 е објавен во Белград манифестот „Позициите на надреализмот“ меѓу чии претставници се и познатите наши писатели: Марко Ристиќ, Душан Матиќ, Оскар Давичо, Александар Вучо и др. 

Појавата на надреалистичкиот правец е обусловена од онаа стихијно-недоволничка и прогрестно-анархоидна состојба на духовите на еден дел од буржоазната интелегенција во годината по Првата светска војна. Главните програматски постапки на надреализмот се коренат во начелата на Фројдовата психоанализа. Некои проучувања на Фројд во областа на потсвесното им послужиле на надреалистите како инспирација и особено во прокламирањето на техниката на тн. автоматско пишување. Во што накусо се состои техниката на тоа пишување? - пишување при кое разумската контрола е отфрлена во името на потполно ослободување и со ништо неограничено пројавување на потсвесното и ирационалното, затоа: логичното се негира и отстранува како пречка за постигањето на „чист психички автоматизам“.

Но тоа е многу повеќе програма за уметничко дејствување отколку реално уметничко дејствување. Зашто ниедно дејствување, толку повеќе - уметнипчко, е и незамисливо и инестварливо како потполно неразумно и потполно нелогично. Но тоа е несамо програма, но и интелектуалски блеф, зашто, всушност, надералистите го бараат неразумското на разумен пат, а бесмислиците нивни се резултат на една смислена игра како што „правото на човекот да биде луд“ за кое војуваше надреалистот Салвадор Дали е право да се прават луди и да ги прават и другите - луди. Затоа: надреализмот е не само декадентен правец, но и конфузен од почеток до крај. И затоа беше со брз крај и кратко и крајно ограничено траење. Од надреализмот се откажаа и некои од неговите оснивачи: Елијар и Арагон, а кај нас уште пред војната се откажаа од него и некои од идните спроводници, како Коча Поповиќ, Ѓорѓе Јовановиќ, Милан Дединац и др. Денеска надреализмот егзестира главно како едно од разновидностите на апстрактното сликарство.

Проблемот на надреализмот не постои денес ни во неговата татковина - Франција. Надреализмот е мртов - велат и најистакнатите модерни духови на денешна Франција - меѓу нив - Директорот на Модерната галерија, познатиот писател Жан Касу. По апсурдно е да се мисли дека некој може да го оживи кај нас и сега во нашата социјална атмосфера при која разумната активност прави чуда и уметноста мора да егзестира како говор на луѓето упатен кон луѓето. А тоа што некои пооделни увлеченија по безмислени текстови се пројавуваат од време навреме кај некои од младите и траат подолго отколку што траеше францускиот надреализам - говори дека не сме Французи, туку балкански чеда што потсвесно си ги носат трагите на некогашниот балкански полуколонијалистички менталитет. 

19 април 2024 - 18:33