„Немојте да мислите дека сме заборавиле: загубениот камбоџански рокенрол" на режисерот Џон Пироци е сниман цели десет години, а премиерно ќе биде прикажан оваа недела во Њујорк.
Трагичната историја на Камбоџа во шеесетите и седумдесетите од минатиот век е добро позната - нејзината вклученост во Виетнамската војна, кога повеќе од милион Камбоџанци умреле под режимот на Црвените кмери. Со преземањето на власта од страна на комунистите настрадале голем број уметници, меѓу кои и музичари.
Еден од нив, претставен во филмот, се вика Син Сисамут, и се уште се смета за еден од најголемите камбоџански пејачи на сите времиња, кој ги прилагодил западните стилови за домашната публика. „Мислам дека бил Елвис Присли и Френк Синатра во едно", вели Пироци.
Во текот на тие дваесет години на експлозија на поп музиката во Камбоџа продефилирале различни стилови, имитации на тн. „сурф рок", кавери на западни артисти како Сантана, како и изненадувачки афро-кубански музички тренд. Изненадување за Пироци бил неверојатно краткиот период кој бил потребен новата музика од запад да дојде до камбоџанските музичари, кои најчесто настапувале по дискотеки.
Но со доаѓањето на власт на Црвените кмери странските звуци биле забранети, а била дозволена само традиционална музика. Самите музичари почнале да се кријат, иако некои биле толку познати што тоа било невозможно. Една од ретките такви кои успеале да преживеат ги излажала властите дека е продавачka на банани - да кажела дека е пејачка можела да биде убиена.
Иако најпрвин на Пироци му било кажано дека соговорниците ќе му одбиваат интервјуа, и дека речиси ништо не е сочувано во смисла на архиви или фотографии, сепак тој, иако со многу проблеми и во тек на дури десет години, пронашол многу музика. Луѓето почнале сами да доаѓаат кај него со она што го имале сочувано, па така тој е всушност резултат на заеднички напор, негов и на луѓето на кои оваа музика им била многу важна.