„Во англиското говорно подрачје, историјата на модерната филозофија - грубо периодот од 1600 до 1800 - традиционално се фокусира на неколку канонски фигури, особено на „рационалистите" Декарт, Спиноза и Лајбниц, и „емпиристите" Лок, Беркли и Хјум. Со генерации студентите учеа за нив, но ретко имаа можност да слушнат за какви и да е филозофски постигнувања на жените во истиот период. Овој сајт ќе се обиде да ги надмине традиционалните наративи кои го моделираат филозофскиот канон", се вели во воведот на Проектот Вокс.
Неговата цел е формирање меѓународна мрежа соработници, кои би помогнале во истражувањето и подучувањето на таква филозофија којашто во себе ќе ги вгради и делата на жените, чии идеи до сега биле игнорирани. Засега на сајтот постојат биографии и свежо објавени и/или преведени дела на неколку од нив - Лејди Машам, Маргарет Кавендиш и Ан Конвеј од Англија и Емили Ду Шатле од Франција, сите од периодот на 17-18 век. Целта е да се откријат, преведат и објават и други дела на жени-филозофи, и тие да се вградат во наставните програми по модерна филозофија на универзитетите во светот.
Податоците во врска со до сега вклучените жени-филозофи се навистина детални - од биографија, примарни и секундарни извори, водич низ нивната филозофија, список на луѓе кои работеле или работат на нивните дела, библиографија и онлајн ресурси.
Сите нивни животни приказни се многу интересни. Лејди Машам, на пример, историски е запаметена по пријателството со британскиот филозоф Џон Лок, но неодамнешни истражувања покажале дека таа и самата била сјаен мислител, и покрај тоа што немала формално образование. Сепак, тоа што била ќерка на познат филозоф од Кембриџ, и што Лок живеел 14 години со неа и нејзиното семејство, подучувајќи го нејзиниот син и водејќи сметка за финансиите, секако извршило влијание. Лок поседувал библиотека од 4,000 наслови, а одржувал и пријателствата со познати фигури од научниот свет кои му доаѓале на гости, меѓу кои и Исак Њутн. Преку него Машам почнала да се допишува и со Лајбниц (целата преписка вклучена на сајтот), а анонимно објавила два есеја за моралната филозофија, метафизиката и образованието на жените.
Емили Ду Шатле (на сликата горе), пак, е француски филозоф и преведувач, чие главно дело „Основи на физиката" било цитирано во најпознатиот текст на француското просветителство, Енциклопедијата на Дидро, објавена кратко време по нејзината смрт.
Она што пак нам ни падна во очи додека го пишувавме текстот е потребата да се измисли женски род од „филозоф", а да не е „филозофка".