На некогашниот Ден на Републиката

Српскиот уметник кој ги спасува старите југословенски логоа од заборав

Oгњен Ранковиќ е белградски графички дизајнер кој специјализира во дизајн на амбалажи, урбана уметност и фотографија. Во мај оваа година во галеријата ХДД во Загреб се отвори неговата изложба Југо.Лого - графичка идентификација во Југославија, која се базира на дигиталната архива која ја има покренато авторот.

Изложбата „Графичка идентификација во Југославија“ на Огњен Ранковиќ која беше отворена оваа пролет во Загреб содржеше над 400 знаци и логотипи од просторот на некогашна Југославија, креирани од првата половина на 20 век до 1990-тите. Истата гостуваше во Македонија овој септември, кога беше поставена во Europe House во Битола.

Ранковиќ е графички дизајнер кој својата инспирација ја наоѓа меѓу другото и во ова уметничко и културно наследство, се обидува да го заштити и промовира. 

Неговиот сајт yugo.logo е инициран во 2019, а почетната точка за составување на овој регистар бил фактот дека повеќето од графичките симболи создадени пред повеќе од половина век и денес се сметаат за екстремно квалитетни решенија, кои можат да стојат рамо до рамо со модерните стандарди. За жал, по распадот на Југославија, повеќето архиви се загубени или намерно уништени, па овој дигитален архив е еден редок обид да се спасат од заборав симболите и другите дизајни „made in Yugoslavia". 

Најистакнати дизајнери од некогашна Југославија често биле само едни од работниците во индустријата, па затоа тие не ретко останувале анонимни. Графичкиот дизајн како гранка е дефиниран подоцна, па оттаму помеѓу нив имало и ликовни уметници, архитекти, вајари итн. Сепак, струката во тоа време имала поголем авторитет за донесување одлуки, за разлика од сега кога во тоа доминираат клиентите. 

Една од карактеристиките на југословенскиот дизајн според Ранковиќ била неговата функционалност. Како што вели во интервју за Бука, „без оглед дали зборуваме за логотип, столица, зграда или за цела населба, функционалноста била примарна водилка“. За оние растени во тие времиња погледот на некои од логоата буди носталгија, а дел се користат и денес, како оние на Витаминка или на Кинотеката на Македонија.

29 ноември 2023 - 16:10