„Спинглиш" или јазикот на измамата

Македонскиот еквивалент веројатно би бил „спиндонски", кога оние на кои тоа им е работа користат фрази кои навидум звучат разбирливо, но всушност ви го матат умот. Американците наскоро ќе имаат цел речник со илјадници примери од секојдневниот живот, што значи дека оние кои веќе зборуваат спинглиш ќе мора да бидат уште покреативни ако сакаат да ја постигнат целта - да бидат неразбирливи.

Во сите јазици постојат изрази конструирани од стандардните платени измамници - политичарите, новинарите, економистите - чија задача е не директно да ве излажат, туку лингвистички да ве измафтаат, така за да не знаете ниту за што станува збор, ниту пак дали да му верувате. Но во англискиот сега има и речник посветен на овој дискурс, кој ќе излезе на 2. јуни: „Спинглиш: дефинитивен речник на јазик кој намерно мами", напишан од двајца хумористи, Хенри Бирд и Кристофер Серф, кои на корицата на книгата се опишани како „Добитници на Булицер".

Главно се работи за еуфемизми, метафори и жаргон со кои ракуваат рекламните агенции, адвокатските фирми, различните „тинк-тенкови", политичките организации, накратко сите оние кои се обидуваат да ја скријат вистинската природа на нивните активности, чија главна цел е исполнување на нивните сопствени интереси.

Целиот список како да излегол од кај Орвел, но креативноста на оние кои го создаваат и го користат „спинглиш" би го збунила дури и него. На пример:

Не се вика „војна" туку „кинетичка воена операција".

Не се вика „мир" туку „привремен прекин на непријателствата".

Не е „авионска несреќа" туку (според Националното биро за транспортна безбедност на САД) „недостаток на растојание од земјата".

Не е рецесија туку „период на економско прилагодување"

Не е „тортура" туку „нагласени техники на испрашување"

Не е „пластична операција" туку „естетска процедура"

Речникот содржи и повеќе од 40 креативни решенија за глаголот „да отпуштиш" (кого го избегнува секоја нормална компанија), на пример rightsizing ('доведување до вистинската мерка'), што се толкува како цивилен еквивалент на еуфемизмите за убивање, кои се користат во воената терминологија - од „неутрализирање" до „тотално и целосно имобилизирање".

Авторите со овој речник му оддаваат почит на Едвард Бернис, генијалниот „спинер"-претходник на денешните, но и на ликови како Ричард Никсон или Буш помладиот и нивните асистенти, кои дале голем придонес кон конструирање термини кои не прават ништо друго освен што ја кријат вистината.

26 мај 2015 - 10:31