„Циркус“ е советска мелодрама во режија на Григори Александров и Исидор Симков, снимен во 1936 во студијата на Мосфилм. Главната улога ја игра тогаш славната и гламурозна Љубов Орлова (сопругата на Александров), првата вистинска ѕвезда на советската кинематографија и талентирана пејачка, поради што филмот содржи неколку сонгови кои веднаш станале советски хитови.
Орлова во филмот ја игра Марион Диксон (чие име е асоцијација на Марлен Дитрих), американска циркуска забавувачка која е приморана да замине од САД откако станува мајка на црно бебе и жртва на тамошниот расизам.
Таа и бебето се придружуваат на советскиот циркус во потрага по засолниште и разбирање. Човек кој неодоливо потсетува на Хитлер (по фризурата и мустачињата) се обидува да ја дискредитира со тоа што прекинува нејзин настап држејќи го детето пред публиката како во сцена од „Лајон кинг“ и притоа извикувајќи: „Црно дете, дами и господа! Бела жена родила црно дете!“. Но никој не ѝ се придружува на неговата скандализираност - напротив, филмот завршува со неверојатна сцена во која и мажите и жените од публиката му пеат приспивна песна на детето, и тоа на сите јазици на тогашниот СССР.
Филмот е очигледно правен како антиамериканска пропаганда - во смисла на „ако тие се расисти, ние не сме“, но со оглед на годината - 1936 - тој може да се сфати и како сериозно предвидување за она што следува и во Европа, расистичките чистки на нацизмот. Интересно е дека црното момче во филмот на некој начин го игра сопствениот живот, бидејќи и самиот бил од мешан брак. Џејмс Лојдович Патерсон, како што се викал, се родил во Москва во 1933, како најстаро од трите деца на африканско-американски имигрант во СССР и неговата жена, Украинка, театарската актерка Вера Иполитовна Аралова.
По нападот на нацистичка Германија на ССР, Џејмс и мајка му биле евакуирани на исток, а татко му добил работа на Советското радио како презентер на англиски. Починал во едно од бомбардирањата на Москва во 1942. Џејмс подоцна станал член на Комсомол и дипломирал на престижна советска воена академија. Подоцна станал и поет и член на Советското друштво на писатели. Тој е еден од ретките, но не и единствен црн војник во СССР - позната е и приказната за Игор Анатољевич Кирјак, кој помагал во расчистувањето на Чернобил (а за кого пишувавме и претходно)
Целиот филм „Циркус“ подолу: