„Соработка“ во деловниот жаргон е збор кодиран со повеќе значења. Може да станува збор за реално здружување сили на поединци или групи со исти интереси а различни вештини, кои на тој начин полесно остваруваат одредена цел. Но може да биде и испразна фраза, која само формално зборува за „соработка“ кога всушност мисли на искористување на нечии идеи или ресурси под плаштот на здружувањето.
Гледиштето дека соработката е нужна за опстанокот на човечкот вид е потврдено низ неговата историја. Поединците кои соработувале со други, особено во моменти на криза, биле поуспешни во извлекувањето од дното и продолжувањето на синџирот на постоењето. Но гледиштето според кое соработката е исклучиво елемент на доброто укажува на фундаментално недоразбирање за тоа како функционира еволуцијата. За еден ген да биде поврзан со каква и да е бихејвиорална карактеристика која ќе биде фаворизирана во процесот на природна селекција, таа мора да му носи некаква корист на нејзиниот носител. Оттаму, соработката е фаворизирана кога нуди начин да се продолжи понатаму. Понекогаш ова се материјализира во вид на ветување за возврат на услуга, друг пат преку тоа што кооперативните поединци ги фаворизираат своите роднини (со кои споделуваат копии од истите гени). За луѓето, соработката исто така е начин за стекнување повисок статус и престиж, што индиректно значи и подобро здравје, повисок репродуктивен успех и продолжен животен век.
Звучи малку нелагодно, но вистината е таа: соработката, во суштина, е средство со кое различни ентитети - гени, клетки или поединци - си ја подобруваат позицијата во светот. Важно е да се забележи дека ова не значи дека секоја соработка е стратешки маневар и дека е калкулирана. Но таа во суштина е облик на натпревар и оттаму подразбира дека може да произведе и победници, и губитници.
Група поединци кои реално може и да не се трпат, можат да „соработуваат“ поради заеднички интерес и со таа своја соработка да им нанесуваат штета на останатите. Корупцијата, митото и непотизмот се некои од облиците на таа хипер-локална соработка која генерира корист за мала „клика“, но резултира со општествен губиток. Давање тендери на фирми блиски до власта, на пример, формално може да се води како пример на соработка, но за сите исклучени од играта е спротивното - во најмала рака маргинализација или директна штета.
Коментатор на Гардијан ова го нарекува „патолошка соработка“, а примери за неа наоѓа не само во човечкото општество туку и во природата. Мажјаците шимпанзи ги здружуваат силите за да ги напаѓаат и често да ги убиваат своите ривали. Осите-работнички се координираат да ја убијат сопствената мајка, кралицата. Поради генетиката на осите, сестрите се поблиски до своите внуци отколку до своите браќа. Оттаму, тие повеќе сакаат машките единки во колонијата да бидат произведени од нивните сестри, а не од кралицата. Производството на овие мажјаци се случува кон крајот на сезоната на парење, и во тој момент помладите женки се солидаризираат за да ја свргнат Големата мајка. Работењето заедно на заедничката врвна цел - преживувањето - е постојана тема во историјата на животот на Земјата. Соработката и натпреварот се две страни на истата паричка.
Оттаму, како ќе толкуваме одредена појава на соработка зависи од перспективата. Она што притоа треба да го знаеме е дека соработката на глобално или општествено ниво е бескрајно подложна на корозивните ефекти на полокализираната соработка. Една од причините е што ваквата, микро соработка, е полесна и вклучува веќе утврдени и проверени луѓе и односи. Но што е со пошироката слика, со соработката на целото човештво? Во ваквата помисла има бајковидна, утописка примеса. Но дали ваквата бајка ќе има навистина среќен крај, тоа зависи од начините кои ќе ги изнајдеме соработката во однос на прашања кои нè тангираат сите да стане навистина глобална.