Во 1935 на Канарските острови гостувал Големиот југословенски циркус, чиј управник, Марко Ѓорѓевиќ, бил познат како мистер Сава. Сепак, во земјите на поранешна Југославија неговото име и историјата на неговиот циркус се речиси непознати.
Мистер Сава останал рано без родители, и иако поради стек на околности бил роден во близина на Трст, живеел во околината на Белград грижејќи се за сестрата и братот. Со ведар дух и многу вреден, тој не одбивал ниту еден ангажман кој можел да му донесе малку пари. Слободното време го поминувал со Ромите со кои пеел, свирел и со кои го изучил тогаш популарниот мечкарски занает.
Белград тогаш настојувал да се оддалечи од атмосферата на ориентална провинција и по начинот на живот да им се приближи на европските градови. Сепак, народните забави си останале такви какви што си биле. Младиот Марко се помалку се занимавал со физички напорни работи, а сè повеќе мечкарејќи по белградските пазари и шеталишта, каде добро заработувал.
Тропајќи н адајре за мечката во ритам да потскокнува на задните нозе, тој ја прашувал: „Како ја чешла брадата Пашиќ?“ (тогашниот премиер). Мечката на тој знак почнувала да си ги допира образите со предните шепи, на воодушевување на насобраните граѓани, но и под закана на џандарите дека поради несоодветните шеги може да му го одземат животното.
До почетокот на Првата светска војна, циркусите биле една од главните атракција за Белграѓани. Странските циркуси често ги поставувале шаторите на местото на денешното Собрание на Србија и на Калемегдан, а народот го забавувале трупи кои покрај кловнови и разни забавувачи имале и коњи, мајмуни, слонови.
На една од тие претстави Марко запознал циркуски работник од Белгија кој му понудил да се приклучи на тимот и да шета со нив низ Европа. Прифатил затоа што на тој начин ги вработил и братот и сестрата.
Следеле номадски години, низ кои Марко совладувал разни циркуски вештини. Најдолго останал во јужна Франција, но пред почетокот на војната одлучил да се обиде во Шпанија.
Во интервју за белградско Време, Франсиско де ла Торе Лопес, попознат како Лале, внук на Марко Ѓорѓевиќ и денес раководител на познатиот шпански циркус Колисео, се опишуваат детали од биографијата на овој авантурист. По доаѓањето во Шпанија се оженил за Мексиканката Роса, за кого Лале тврди дека во младоста му била девојка на славниот мексикански револуционер Панчо Вила. Во 1916 го добиле првиот син, таткото на Лале. Марко своето име го „шпанизирал“ во Jeorgevich.
Циркуската трупа која ја основал патувала низ мали места и села како дел од локалните фешти. При настапите користеле коњи, бикови и кози. Но во еден момент Марко одлучил да се поднови со поегзотични животни, и заминал за Мароко. Во Казабланка од еден кротител купил пет лавови, двајца мажјаци и три женки, со потекло од Сенегал. Трансакцијата подразбирала продавачот да дојде во Шпанија со Марко на неколку месеци и да го оспособи за нивно дресирање.
Не поминало долго време, Мистер Сава станал прочуен по дресираните лавови, а на циркусот му пораснала популарноста. Во меѓувреме завршила Првата светска војна, а еден од видливите резултати било раѓањето на новата држава - Кралството Југославија. Горд на своето потекло, Марко го нарекол својот циркус El Gran Circo Yugoeslavo.
Во август 1934 Големиот југословенски циркус пристигнал на вулканското острово Ла Палма со намера на него да помине неколку работни месеци. Толпата собрани мештани со децата го пречекала бродот кој носел радост. Тесните улици на градот Санта Крус де ла Палма биле излепени со плакати. Следеле претстави по речиси сите населби на островот.
Еден ден во текот на хранењето на лавовите, во миг на мало невнимание на работникот, Султан, еден од двајцата мажјаци, излегол од кафезот и избегал. Настапила општа паника, а дека ова не е легенда покажува и официјален полициски извештај составен на 22 јануари 1935, со стандарден бирократски опис на настанот:
„Откако пристигнавме на лице место го затекнавме лавот сосема слободен, поради што пристапивме кон пукање од огнено оружје. Вознемирен, лавот се нафрли на магарето кое се наоѓаше во близина“.
Марко во тој момент трчајќи возбуден пристигнал на местото молејќи ја полицијата да прекине со пукањето. Извештајот понатаму вели:
„...Додека траеше пукањето, со трчање се појави лице за кое се испостави дека е оној господин Хеорхевикс на 45 годишна возраст, српска националност, молејќи да престанеме да пукаме во ѕверот. Потоа избезумено истрча кон животното не грижејќи се за нерамнините на теренот поради кои повеќе пати падна, и откако пристигна до местото каде се имаше засолнато ранетото животно, се фати за срце и со сета тежина се струполи на земја“.
Веднаш потоа Марко е прогласен за мртов во блиската болница.
Веста за смрта на сопственикот на циркусот и за она што се случило уште долго одѕвонувала низ островот. Имало и различни теории како умрел - од инфаркт, но можеби и од куршум наменет за лавот кој се одбил и го усмртил кротителот. Најромантичните велеле дека умрел од тага по својот соработник, лавот, кој не го преживеал инцидентот.
Според циркуското верување според кое циркускиот работник му припаѓа на местото во кое ја игра актуелната претстава, одлучено е Марко да биде погребан на локалните гробишта.
Наскоро односите во циркусот се влошиле и тој се распаднал. Од некогашниот Голем југословенски циркус настанале некои нови, како оној на Лале.
извор: Време (со претплата)