„Вложив години за да направам апликација која долго време се сметаше за невозможна. Сега технологијата конечно се приближи до мојата визија“.
Вака започнува пост на Мајкл Сејман на Х, во кој тој ја најавува SocialAI, првата приватна друштвена мрежа каде може да добивате милиони коментари генерирани со вештачка интелигенција, кои нудат дополнителни информации, совети и мисли на секој ваш пост, односно симулираат „нормален“ (што и да значи овој збор веќе) дигитален муабет.
Првата помисла секако е зошто некому би му била воопшто потребна ваква опција? Производот се рекламира како терапија за осамени или недоволно слушнати во бучниот интернет простор, каде алгоритмите дискриминираат чии постови се видливи за поголем број луѓе (оние со повеќе следачи, активност, лајкови, шерови и сл.). Наместо да очајувате што никој не ви обрнува внимание, макар и негативно, и оттаму не ви го скокотка нивото на адреналин, допамин и другите хормони кои прават да се чувствувате живи, сега може да си се допишувате со „непознати другарчиња“ (и онака голем дел од следачите се непознати, а кој знае и колку се интелигентни).
Разликата што се однесува до следачите е што можете да ги бирате по тип. Некои од категориите се: песимисти, советници, реалисти, саркастични, н'рдови. За да не живеете во сопствениот меур, туку нештата да бидат пореалистични (треба и тука „што и да значи тоа 'реално'“?), има и тролови, критичари, хејтери. Не сме ја пробале апликацијата, но според искуства на оние кои веќе го сториле тоа интересно е како муабет за здрава храна многу брзо низ дискусијата помеѓу самите ботови се претвора во - расправија за родови прашања.