Шакер Аамер, последниот жител на Британија во Гвантанамо, кој е притворен без обвинение или судење цели 11 години, во затворот е познат како „професорот" заради неговата елоквенција и интерес за читањето. Неодамна тој стана и тема на песна на П.Џ.Харви, која на тој начин сакаше да го привлече вниманието кон неговиот случај.
Адвокатите на Аамер, како и претставниците на групата за човекови права често му носат книги во текот на посетите. Засега на топ листата омилени четива му води Орвеловата 1984. Но иако Орвел му бил дозволен, Солженицин по некој критериум веројатно е оценет како поопасен. Можеби затоа што епски ја опишува суровата ера на комунистичкиот затворски систем, заради што со децении беше забранет во Советскиот Сојуз.
Библиотеката во Гвантанамо со години е тема на муабет во јавноста. Во 2010 Тајм соопшти дека „серијата за Хари Потер е една од најпопуларните помеѓу 18,000 книги, списанија и ДВД изданија кои стојат на располагање во затворската библиотека". Во 2012 библиотекарите изјавија дека „Фреш Принс од Бел Ер" е најпопуларниот филм. Вест беше и тоа дека човек чиј татко бил убиен во Светскиот трговски центар на 11. септември донирал 70 нови книги во библиотеката, при што онаа на Стивен Кинг, It, најпрвин била одбиена од затворските власти, а потоа додадена на купчето. Неодамна една конгресна комисија изјави дека „50 нијанси сиво" е хит меѓу затворениците. Насилството во неа веројатно е оценето како рекреативно.