Даглас Гордон (48) е познат британски уметник, добитник на престижната награда Тарнер во 1996, како и на други меѓународни признанија. Во склоп на меѓународниот фестивал кој секоја година се одржува во Манчестер, на сцената на HOME, еден вид дом на културата каде се одржуваат настани од областа на театарот, филмот и уметноста, тој ја поставил претставата The Neck of the Woods, базирана на бајката за Црвенкапа, во која игра Шарлот Ремплинг.
Но претставата добила неколку негативни критики - една од нив ја нарекува „здодевно и оперирано од хумор“ прераскажување на детска приказна. И не дека е лесно да поднесеш критика, но Гордон изгледа се пресекирал. По третата изведба на претставата, откако публиката заминала од салата, почнал да крши низ неа, оставајќи и „потпис" за тоа кога и што сторил, во форма на волчја шепа исцртана на еден од ѕидовите.
Според сите информации, на Даглас едноставно му зоврело, па секој обид ова да се прикаже како дел од некаков негов уметнички концепт е веројатно погрешен. Но дека уништувањето на сопствената уметност може да биде дел од приказната за нејзиното создавање покажуваат бројни примери низ историјата. Еден од нив е на ниво на легенда во уметничките кругови: на почетоците на кариерата на американскиот концептуален уметник Роберт Раушенберг, тој сакал да го истражи ваквиот чин на бришење/уништување на дело, со тоа што најпвин тоа го сторил со едно од своите. Но тоа му било малку, па сакал да проба со некое на попознат уметник од него. Се појавил на вратата од студиото на Вилем де Конинг, тогаш веќе мајстор на занаетот. Иако најпрвин не ја одобрил намерата на младиот колега, тој сепак му дозволил да одбере нешто од неговите слики, што овој и го сторил. Потоа ги избришал сите видливи траги од неа. Новата - сосема празна слика - добила наслов „Избришаниот де Конинг".