Пред неколку години објавивме текст за скандал во Србија, кога е обелоденето дека професори од Универзитетот во Белград, катедра по металургија, објавиле научен текст во „предаторско“ списание во Романија со звучно име, цитирајќи ликови од Микиев забавник.
Фрустрацијата на истражувачи од цел свет, чии сандачиња се полнат со мејлови со покани за учество во уреднички одбори на тукушто формирани, лажни научни списанија со звучни имиња, кај некои од нив ја поттикнуваат љубопитноста - до каде може да се оди во измислувањето содржини? Колку апсурдно треба да биде нешто за да НЕ биде објавено во едно вакво списание?
Гери Луис, британски професор по психологија, во правењето на ваков лажно научен текст сепак тргнал од наука. Теоријата се вика несвесно социјално условување (unconscious social priming), според која зборови или концепти кои се повторуваат во одреден констекст можат да влијаат врз нашите однесувања, било на позитивен или на негативен начин. Едно од најпознатите истражувања во оваа област е она во кое учесниците кои биле изложени на зборови поврзани со старост (како „бинго“ или „плетење“) по некое време почнале да одат побавно споредено со оние на кои не им биле кажувани вакви зборови.
Но ваквата теорија тој решил да ја искористи за да покаже нешто што барем на прво слушање звучи далеку од научно, дека политичари од десницата би си го бришеле газот доминантно со десна рака (и обратно). За среќа веднаш се сетил дека во вака поставената теорија има една маана - знаеме дека десната страна на мозокот ја контролира левата страна на телото, и обратно. Така излегува дека „логиката“ на газобришењето треба да е исто така обратна, десничарите да се бришат со лева, а левичарите со десна.
Бидејќи секое истражување се базира на емпирија, неговата (фиктивна) асистентка излегла на терен, фатила позиција пред британскиот Парламент и со големо досие за секој од политичарите пред себе им приоѓала и ги прашувала со која рака се бришат. Потоа нивните одговори се споредени со нивната реална политичка припадност. Така се дошло до бројка од осум (фиктивни) учесници, вклучително и „Борис Џонски“ и „Тереза Мејби“. Погодувате - ис(т)ражувањето покажало дека политичарите навистина си ги бришат задниците со „обратната“ рака.
Текстот е понуден кај извесен Кримсон паблишерс, првиот чиј мејл во тој период стигнал во „спам“ фолдерот на Луис со понуда за соработка. Тој заедно со ракописот поднел и независна рецензија, всушност напишана од негов колега и пријател. Неколку дена по поднесувањето, добил известување дека текстот е прифатен, и дека единствено што треба да направи е да плати 581 долар.
Кога Луис им одговорил дека тоа му е превисоко, списанието ја спуштило цената на 99 долари. Кога се побунил и вториот пат, одлучиле да му го објават текстот бесплатно, што е веројатно последниот очајнички чекор на списанието да објави што и да е, макар и за без пари. Така текстот под наслов „Тестирање на теоријата на интерхемисферичното социјално условување врз примерок на професионални политичари - краток извештај“ е објавен, без никаква поправка, коментар или каква и да е друга реакција од „уредувачкиот одбор“. Лажниот научен текст направи „бум“ на социјалните мрежи, особено (и многу соодветно) на фејсбук страница наречена Shit Academics Say.
И после сè, имаме неколку недоумици. Прво, како и покрај толкав број „пробивања“ на шемата и скандали со предаторските списанија тие се уште не си обезбедуваат макар минимална контрола на објавеното. И обратно, како не се обезбеди пофер систем на објавување во престижни списанија, што ќе превенира истражувачи, особено од посиромашните земји, да посегнуваат по вакви решенија.
Сепак, најголема недоумица за успех на вакво истражување кај нас ни се состои во следното - толку наши политичари сменија страна во последниве години, што не им помага ни трета рака.