Греам Кент, поранешен продуцент во Би-би-си, е автор на книга која излезе пред неколку месеци - „Најсилните луѓе на Земјата: кога мускулестите беа главни во шоу бизнисот", која се занимава со историјата на бодибилдингот како спорт, но и како атракција низ историјата. И покрај набилданиот маж во смешно трико и сандали на насловната, голем дел од книгата е посветена на физички силните - жени.
Некаде во 1880-тите во Британија и во САД почнал трендот не толку на големите мускули, туку на физичката кондиција и перфектната мускулатура каква што е претставена на древните грчки статуи. Не само било прашање на имиџ и престиж да се биде мускулест, туку настапите на билдерите им носеле и добар приход. Кејт Брунбах уште како дете настапувала во патувачкиот циркус на татко и, виткајќи железни прачки и потковици. Кога наполнила 16, татко ѝ нудел добри пари на секој маж кој можел да ја победи во борење. Таа така го запознала и мажот и - Мак Хејман, професионален акробат, сепак ја преценил неговата сила, па Кејт го фрлила толку силно во рингот што тој се одбил од подот и веднаш се онесвестил. „Никогаш порано немав доживеано таква убавина. Таа ме зема на раце како да бев кукла и ме однесе до нејзиниот шатор", напишал тој во неговите спомени. Наскоро почнале и да настапуваат заедно, во точка во која Кејт меѓу другото жонглирала со - топовски ѓулиња! До нејзиното пензионирање била позната како „жената која си го фрла мажот како бисквита". Заработила доста пари и отворила ресторан во Квинс, Њујорк.
Ова е само еден од бројните примери на жени снагатори - во 1724. „Женскиот Самсон" настапувала два пати дневно на Черинг Крос во Лондон. Точката ѝ се состоела во лежење под мермерен блок кој потоа го исфрлала на два метра од нејзе, без раце! До крајот на 19. век конкуренцијата толку се зголемила што само во Лондон за парче протеин се бореле дури 40 снагатори, кои биле приморани да измислуваат сè поневеројатни и поопасни точки. Еден пар, г-ѓа и г-дин Дарнет, настапувал со тоа што мажот свирел валцери од Штраус на пијано под кое лежела жена му, која на крајот почнувала да пее љубовна песна. Некоја си Чармион пак била позната по еротските акробации - се нишала на трапез облечена во обилна викторијанска облека, и со секое занишување отстранувала парче од неа. Кога стигнувала до гаќите и прслукот, на жалење на собраните мажи, трапезот бил запиран.
Сепак најголемиот женски гениј меѓу овие силни жени, била извесна Лулу Хрст, селанка која настапувала под сценското име „Џорџија магнет" и тврдела дека има натприродна моќ. По некаква силна бура таа наводно добила моќ да преместува предмети, како и да крене голема тежина, на пример столица со тежок маж на неа. Научниците и докторите заклучиле дека девојчето мора да било удрено од гром што ја наполнило со некаква електрична енергија. Но откако ја видел како настапува кревајќи не еден, туку тројца мажи на столица, Александар Греам Бел, пронаоѓачот на телефон, ја поканил кај него дома, за да се увери дека тука нема некаков трик. И не успеал да ја провали. Многу години подоцна, откако се пензионирала со големо богатство, не само од настапите туку и од сапуни, цигари и селска опрема (сè со слоганот 'Јако како Лулу Хрст'), таа објавила автобиографија во која ги открива нејзините тајни - дека не се работело за никаква посебна моќ туку дека главно користела механички принципи - на оние на лостот и потпората. Знаењето е сила, знаењето е моќ...особено ако си жена!