Денес таа веројатно би била репортерка од далечни земји за големите ТВ канали или Инстаграм инфлуенсерка. Но во времето кога живеела, во првата половина на 20-тиот век, Алма Карлин немала вакви можности за самопромоција. Сепак, нејзиното потекло од почитувано интелектуално семејство ѝ овозможило одредена предност. Родена во Цеље, тогашна Австро-Унгарија, таа растела во средина во која доминирал германскиот, а себеси се сметала пред сè за Австријка. Средно образование учела во Грац, а потоа изучувала јазици во Лондон и Париз. Изгледа дека била особено надарена на ова поле, бидејќи успеала да совлада дури девет јазици.
Токму држењето приватни часови, понекогаш и по десет часа дневно, ѝ овозможило да собере доволно средства за подоцнежното патешествие, кое најпрвин започнало од мака. На почетокот на Првата светска војна, како Австроунгарка, не била веќе добредојдена во Британија и се преселила во Скандинавија. Но вистинската, осумгодишна авантура започнала во 1919, период во кој ги посетила сите континенти освен Антарктикот, а последна станица ѝ била Индија. Често пати се нарекува прва жена која самостојно го пропатувала светот, иако оваа титула најверојатно повеќе ѝ припаѓа на Ида Лаура Фајфер, австриска истражувачка и етнограф.
(Алма во традиционална „јуката“, фото: Национална и универзитетска библиотека на Словенија, Љубљана)
На долгите патишта често запаѓала во опасни ситуации, на пример соочувајќи се со човекојадци во Папуа Нова Гвинеја, каде ретко кој маж-Европеец дотогаш се осудил да стапне. Поради крајно ограничените финансиски средства, имало периоди и во кои буквално гладувала. Можеби на пат ќе останела и подолго, и ќе посетела и други локации, да не била извикана од мајка ѝ кога таа била на смртна постела. Тогаш се симнала од воз во родното Цеље, со куфер во едната, и со машината за куцање од марката Ерика во другата рака, и веќе никогаш не заминала на далечен пат.
Нејзините искуства се преточени шест романи, три новели, повеќе збирки кратки раскази, патепис, драма и куп новински статии, а од нив веројатно најпознато дело е „Одисејата на една осамена жена“ од 1933. Интересно е што нејзините книги, иако биле издавани на различни јазици (главно германски и англиски), на словенечки станале достапни многу подоцна. Причината е што споменот на Алма Карлин по Втората светска војна, односно по 1950 кога таа починала, бил поттиснат во поранешна Југославија, и тоа сосема неправедно. Таа навистина пишувала на германски, и тоа и за познати германски весници, но тоа го правела до подемот на нацистичкиот режим кога во знак на протест се ориентирала кон англиските говорни подрачја. Во 1938 кај неа бил засолнет француско-германски новинар кој бил прогонуван како критичар на нацизмот.
Била и уапсена од силите на Оската при окупацијата на регионот на Цеље, Стирија, а од затвор излегла само поради интервенција на блиска пријателка и партнерка, Теа Гамелин, со која живеела во последните години од својот живот. Откако минала долго време во куќен притвор, веројатно се надевала на подобар третман од страна на партизаните, но тие не ѝ дозволиле да се исели за Италија, и покрај нарушеното здравје. Починала од рак на гради и туберкулоза во 1950 во селото Печовник близу Цеље и е погребана веднаш до Теа.
Словенците поставиле меморијална плакета на нејзината родна куќа дури во 1989 (денес тоа е мал меморијален музеј), а по независноста на државата таа станала тема на бројни академски студии и популарни статии. Еден од поновите научни текстови на оваа тема е на јапонологот и културен антрополог Клемен Сеница, кој се фокусира на нејзиниот 15-месечен престој во Јапонија. Низ анализа на нејзините записи за оваа земја, тој ја поврзува со другите тогашни патеписни дела на викторијанските жени, кои веројатно ѝ биле инспирација, но се фокусира и на разликите кои произлегле од нејзиното специфично австро-унгарско и словенско потекло и понискиот социјален статус во однос на „извиканите“ британски и други колешки. Но токму ова придонело ставовите да не ѝ зрачат со западна ароганција, типична за останатите. Сеница го доведува под знак прашање и митот за постоење на глобално „сестринство“ на жени-светски патници - нивните приказни најчесто отсликуваат ривалство, недоверба, љубомора и конфликти.
За Карлин е снимен документарен филм и е направена и монодрама. Сепак, ни недостасува роман или игран филм во кој неа ќе ја доживееме поинтимно, тродимензионално, макар и на граница на фиктивното. Такви книги, за светските патници и пионери на културната антропологија, беа многу актуелни во последниве неколку години (види Букбокс осврти за „Еуфорија“ - љубовниот триаголник на Маргарет Мид, Рео Форчн и Грегори Бејтсон или „Несонувани брегови“ за жените кои ја промениле оваа дисциплина). Карлин навистина го заслужува тоа.