Зима 1914. 800 километри северно од Арктичкиот круг, среде снежна бура, група ирваси се струполиле од умор во сибирската тундра. Сонцето било невидливо со недели, а воздухот полн со замрзнати иглички. Една силуета натунтана во крзна едвај се извлекла од дрвената санка, кога нејзиниот водич ѝ признал дека се загубиле. Премрзната и гладна, Марија Шаплицка фантазирала да убие еден од ирвасите за да може да ја испие неговата топла хранлива крв. Се прашувала дали има надеж да ја постигне целта поради која се нашла вао ваква ситуација: да оствари контакт со народот Тунгу, денес познати како Евени - номадски одгледувачи на ирваси кои никогаш претходно немале сретнато Европејка.
Шаплицка е една од петте фасцинантни жени извлечени од историјата од Франсес Ларсон во „Несонувани брегови: скриените хероини на британската антропологија“. Ларсон е почесна истражувачка по антропологија на Универзитетот Дархам во Англија.
Мажите-основачи на оваа дисциплина биле опседнати со мапирање и категоризирање на светските култури. Во музејот во кој претходно работела Ларсон, Пит Риверс на Универзитетот во Оксфорд, се чуваат голем број документи врз основа на кои тогашните антрополози ги донесувале своите заклучоци. Но тоа се главно извештаи од патувачи и писма од мисионери со детали за верувањата на „примитивните“ народи, нивните куќи, храна и артефакти. Антрополозите ретко сметале дека е неопходно да поминат малку време со луѓето кои ги проучувале, во нивната природна средина. Но откако антропологијата станала факултетски предмет биле потребни студенти кои ќе го слушаат истиот. Тие ќе помогнат во промената на начинот на кој се вршат антрополошките истражувања.
Како нова област, антропологијата била попристапна до жените отколку веќе етаблираните студии. Помеѓу 1907 и 1918, 27 жени (споредено со 103 мажи) се придружиле на неколку стотините жени кои студирале на Оксфорд во раниот 20 век на студиите по антропологија. Тие смееле да присуствуваат на предавања, но под услов да не учествуваат во дискусиите, односно да молчат. Пет од нив ќе станат први жени-антрополози, кои овозможиле увид во некои од најодделечените предели на светот.
Една од нив е Кетрин Рутлиџ, ќерка на англиски индустријалец, која си изнајмила свој брод и заминала на Велигденските острови во јужниот Пацифик. Таму изработила прва систематична мапа на големите камени статуи по кои овие острови се познати и денес. Барбара Фрер-Мареко, која потекнувала од семејство од средната класа, работела и живеела во Ново Мексико и Аризона истражувајќи го женскиот труд, како и изработката на традиционални лекови. Полјачката Шаплицка успеала да го оствари посакуваниот контакт со ловците и номадските сточари на Сибир и да ги регистрира нештата кои набргу се промениле откако била воведена транс-сибирската железница. Винифред Блекмен од осиромашено свештеничко семејство, минала 19 сезони со селаните во Горен Египет, во насилна средина во која нејзиниот најдобар водич бил убиен. Беатрис Блеквуд, најстарото дете на вдовица, патувала низ необележаните џунгли на Нова Гвинеја, каде се сретнала и се судрила со тогаш владеачката ѕвезда на женските антрополози, Маргарет Мид.
И покрај излегувањето на крај со сите овие предизвици, дома овие истражувачки не биле доволно ценети. Оваа прва генерација на професионални жени-антрополози како да била предодредена да „изгори“, за следните да имаат подобра судбина. Добивањето финансиски средства од матичната институција, напредувањето во кариерата, пристап до академските издавачки куќи, сето тоа за нив било недостапно или со големи пречки. Навистина, во 1916 Шаплицка била назначена за прва професорка по антропологија на Оксфорд, но била јасно укажано дека таа треба да го држи местото „загреано“ додека не се вратат мажите од војна. Кога тоа се случило, таа била префрлена на Универзитетот Бристол, а последната капка што ја прелеало чашата била кога во 1921 таа не добила грант што би и овозможил да се врати во Сибир. По многу години молење и собирање средства за својата теренска работа, 36-годишната истражувачка испила пет фатални апчиња живин хлорид.
Нејзината колешка Рутлиџ, онаа која истражуваше на Велигденските острови, ќе ги помине последните денови во психијатриска бонлица, исто како и Блекман која работела во долината на Нил во 1920-тите. Секако, имало и други елементи што придонеле за нивниот психички крах, вклучително притисоци од семејството, насилни сопрузи и љубовници. Додуша, имало и такви кои ги поддржувале нивните напори, но тоа не било доволно за тие воопшто да влезат со големи букви во историјата на дисциплината. Оваа книга сега ја исправува таа неправда.