Веројатно нема друго име од областа на антропологијата кое е толку познато вон еснафските кругови како она на Маргарет Мид. Излегувањето на нејзината книга „Созревање на Самоа“ во 1928 предизвикала бурни реакции во и вон академскиот свет, со истражувањето на сексуалниот живот на тинејџерите на Самоа и теоријата дека културата има доминантно влијание врз нивниот психолошки и социјален развој. Mид на Самоа престојувала неколку месеци на возраст од само 24 години, без да го зборува локалниот јазик, па подоцнежните критичари на нејзината методологија и резултати тврделе дека таа само ги исполнувала очекувањата на нејзиниот ментор (кого го нарекувала „татко“), големиот Франц Боас. Без оглед на ова, нејзината книга е комерцијално најуспешната и најпопуларна антрополошка книга на сите времиња.
Во последниве неколку години приватните животи на антрополозите-основачи на дисциплината како да почнаа да привлекуваат обновен интерес. Во 2019 пишувавме за „Боговите од небесата: како кружок одметнати антрополози ги редефинирале расата, сексот и родот во 20 век“ на Чарлс Кинг, историја на една дисциплина, преплетена со биографиите на нејзините најславни „перјаници“. Oваа година пак излезе „Несонувани брегови: жените кои ја промениле антропологијата“ на Франсес Ларсон (за којашто пишувавме тука). „Еуфорија“ на Кинг од 2014 се занимава со некои од истите ликови, но таа не е документаристичка, туку фиктивна реконструкција на настани кои се случувале по нејзиното враќање од Самоа.
На бродот кон дома таа го запознава новозеланѓанецот Рео Форчен, кој станува нејзин втор маж, но и соработник на теренските истражувања долж реката Сепик во Нова Гвинеја на почетокот на 1930-тите. Таму пак парот наидува на Грегори Бејтсон, филозоф и истражувач на истиот регион, кој ќе стане нејзин трет сопруг. Всушност љубовта и работата кај неа биле постојано поврзани, и тоа не само кога станувало збор за мажи. Имала врска со уште едно водечко име од областа на антропологијата, со нејзината колешка Рут Бенедикт, а последната и најдолгата ѝ била со Рода Метро, со којашто живеела од 1955 до смртта во 1978. Сите овие партнерства биле истовремено и професионални.
Во романот Мид е Нел, Форчен е Фен, а Бејстон е Ендрју. Кога веќе се знае дека книгата е базирана на реални податоци, менувањето на имињата на ликовите, племињата и географските одредници создава повеќе збрка отколку што обезбедува оправдување за евентуални историски некоректности. Од друга страна, ова веројатно било потребно за да не се сфати дека Лили Кинг пишува во име, и за реални луѓе, за чии интимни животи никогаш не можеме да знаеме сè.
Мид, односно Нел, во романот е слабичка, маларична и постојано под притисок на агресивниот сопруг, кој како да е љубоморен на нејзиниот успех и лут што е постојано во нејзина сенка. Ендрју (Бејтсон), пак, е очаен после две неуспешни години помеѓу фиктивното племе Киона, и трауматизиран од трагични семејни настани, размислува за самоубиство. На парот тој им е потребен како интелектуален спаринг партнер, но набргу привлечноста помеѓу него и Нел, која во него наоѓа стрплив и емпатичен соговорник каков што нема во сопругот, станува очигледна.
Љубовната приказна и судирот на суети е преплетен со предизвиците на теренската работа, климата, стекнувањето доверба кај локалното население, инцидентите кои покажуваат дека истражувачите никако не можат да бидат само неутрални „набљудувачи со учество“. Нивните интимни предизвици се дел од изборите кои ги прават, и од теориите кои ги градат, за оние „другите“. Но понекогаш разбирачката е потешка со оној најблискиот, отколку со припадник на егзотично племе некаде на крајот на светот.
Иако е очигледно дека Кинг детално ги проучувала расположивите биографии и податоци за нејзините тројца главни ликови, таа сепак гради возбудлива и не сосема идентична нарација со она што веќе го знаеме за овие ликови, која ќе им биде блиска и на оние кои никогаш не слушнале за Мид, Форчен и Бејтсон. За оние од еснафот, пак, ова е начин да се запознаат со луѓето зад звучните имиња, или барем со една можна замисла за тоа како изгледале нивните бурни, интересни но понекогаш мачни животи.
Илина, Букбокс