Букбокс биографија на 2019

„Боговите од небесата“ или приказната за антрополозите кои го променија 20 век

Либералите на денешнината често забораваат дека и пред нив некој се залагал за истите ставови - антирасизам, родова еднаквост, сексуални слободи - но во време кога тоа било многу потешко. Меѓу нив една група американски антрополози ја воспоставиле основата на тоа како и денес се гледа на човечките сличности и разлики.

Кога велиме дека книгата на Чарлс Кинг, „Боговите од небесата: како кружок одметнати антрополози ги редефинирале расата, сексот и родот во 20 век“, е „биографија“, не мислиме на тоа дека таа се однесува на една конкретна личност. Станува збор за историја/биографија на една дисциплина, културната антропологија, преплетена со животите на нејзините основачи. Затоа што како и секоја друга наука, и оваа е врзана за луѓето кои ја воспоставиле, промовирале, а чии приватни животи не можат лесно да се одвојат од она што го работеле, па дури ни од нивните теории. Тие и кај највнимателните истражувачи никогаш не се лишени од влијанија на сопственото потекло, образование, родова припадност, но и од некои поапстрактни елементи, како нечиј табиет и темперамент.

Од сите нив, најтерсене бил најстариот - Франц Боас, или „таткото“ на модерната антропологија. Тврдоглав, нестрплив, бескомпромисен, избувлив, со тежок германски акцент, тој токму поради овие свои карактеристики успеал истовремено да ги изнервира (речиси) сите во својата фела, но истовремено и да создаде група „сродници“ во академска област во зародиш. Сето тоа со помош на неколку жени, чиј пристап до високото образование на почетокот на 20 век бил многу ограничен, а професорските позиции недостижни.

Ова важело за сите жени, но особено за оние кои го немале „вистинското“ потекло - не биле бели, не биле од богати семејства и не биле протестантски конзервативни. Но Боас, кој не само што доаѓал од друга земја (Германија), туку дури и од сосема друга дисциплина (завршил физика), не бил човек кој проповедал едно, а правел друго. Отфрлајќи ги доминантните теории на биолошки фиксираните расни и родови идентитети, и верувањето во линеарниот развој на културите - од „примитивни“ кон „цивилизирани“ - тој се одметнал од мејнстримот, но со себе повлекол и неколку соработници кои повлијаени од неговата силна татковска фигура и од сопственото бунтовништво, придонеле за револуционерниот развој на антропологијата како дисциплина во 20 век.

Кинг, во стил кој на моменти повеќе потсетува на роман, ни ги претставува овие четири жени: Рут Бенедикт, Маргарет Мид, Зора Нил Хурстон и Ела Кара Делориа. Меѓу нив Мид е најславната: мала по раст, но голема по репутација, таа на само 26 години ја објавила сега веќе антологиската „Созревање на Самоа“, но во следните педесет години била прогресивен глас во дебатите за сексот, родот, заштитата на животната околина, па дури и легализацијата на марихуаната (била „за“, во 1969). Нејзиниот приватен живот, опишан од Кинг, на моменти личи на латино серија - љубовни врски вмрежени во време и простор, завист и љубомора, комарци и жештина, и шатор среде никаде во кој е закачена фотографија на нејзината најголема љубов, колешката Рут Бенедикт.

Бенедикт, пак, му била десна административна рака на Боас, но и истражувачка која извршила огромно влијание врз перцепцијата на Јапонците и јапонската култура на запад за време на Втората светска војна, кога била и еден од главните советници на американската влада. Понепознати, па оттаму и поинтересни, се биографиите на Хурстон и Делориа - првата станала „отпораш“ на таканаречената „харлемска ренесанса“, пишувајќи за црното население во забаталените градови и села на американскиот југ, но и на Хаити и на Јамајка, и тоа не во форма на академски текстови, туку на роман (познатиот „Нивните очи го гледаат Господ“ од 1937). Делориа, пак, била припадник на Сиуксите од Дакота, но имала и европско потекло, а нејзиното познавање на јазикот и културата на североамериканските домородни народи спасило од заборав огромен етнографски материјал.

Начинот на живот и светогледите на сите овие истражувачи се преплетуваат и самите стануваат предмет на истражување на книгата. Ова особено важи за Мид, чиј живот бил пример за отстапување од западните норми. Со заминувањето на теренско истражување на Самоа кое ќе резултира со објавување на спомнатиот бестселер, таа „го оставила сопругот во Њујорк, дечкото во Чикаго, и го минала целиот трансконтинентален пат со воз во прегратките на жена“. Па има ли подобра реклама за читање на историја на академска дисциплина?

И не само во љубовните води, сите истражувачки си имале свои битки, особено поради својата етничка припадност но и авангардните ставови. Често се преиспитувале, кризирале, биле на работ на нервен слом, гладувале и пиеле, не формирале сопствени семејства, или пак имале комплицирани врски со блиските и потомците. Боас, на пример, постојано се сликал во полупрофил од десната страна затоа што на левата имал лузни од тепачки како момче во Германија со антисемитистички настроените сооученици. Имал шест деца од една сопруга, од кои две умреле во текот на неговиот живот. Доживувал подеми и падови, а особено го погодило разгорувањето на нацизмот и Втората светска војна, чиј крај не го доживеал - починал во 1942.

Чарлс Кинг успева да го долови општествениот контекст во кој се одвивало раѓањето на новата дисциплина без која денешната академија не би можела да се замисли. И не само академијата, туку и јавниот дискурс, политиката, медиумите. Иако не завлегува длабоко, тој ги допира и контроверзите околу некои од ликовите, на пример острите критики упатени кон Мид од страна на антропологот Дерек Фриман, кој тврдел дека голем дел од нејзиниот теренски материјал од Самоа е „скроен“ така за да се вклопи во однапред поставената теорија за сексуално либералното самоанско општество, кое според него воопшто не било такво.

Но маргинализирањето на ваквите моменти од биографијата на дисциплината е веројатно направено намерно - за да не се загуби тонот на ода, на славење на овие луѓе, кои во тмурни времиња направиле многу за надминување на западниот расизам и сексизам. Нивните дела треба да бидат лектира и за новите генерации антрополози, активисти и борци за човечки права. Затоа што секое време пред истражувачите не поставува само академски, туку и човечки барања.

Илина, Букбокс

31 декември 2019 - 11:34