На прв поглед нема нешто што ги поврзува францускиот багет, грузиските натпревари со коњи, кубанскиот рум, јапонските обредни танци и лутиот сос од пиперки од Магреб познат како „хариса“. Но овие, заедно со српската сливова ракија, усната традиција на повикување камили во Саудиска Арабија и азиската флејта наречена „рубаб“ може да добијат статус на нематеријално културно наследство на човештвото.
Оваа недела во Рабат, Мароко, се состанува интервладината комисија на УНЕСКО, за да разгледа кои од 56-те предлози заслужуваат да бидат додадени на претходните 530 традиции кои веќе го имаат добиено престижниот статус.
Некои од нив, како стил на чилеанска керамика и здолниште во форма на ѕвоно од Албанија познато како „џублета“ се под ризик на исчезнување и оттаму им е потребна итна меѓународна заштита. Останатите, иако не се во опасност, сепак од страна на владите кои ги сугерираат се сметаат за вредни како дел од „знаењата и вештините неопходни за традиционално занаетчиство и културни практики кои се пренесуваат од генерација на генерација“.
Помеѓу предлозите се и северно-корејска супа со нудли, везена блуза од Романија, практиката чување пчели во Словенија и ѕвонење на камбани во Шпанија.
Претходните години комитетот ги има ратификувано речиси сите номинации и тоа најверојатно ќе се случи и оваа година. Дискусиите на Комитетот се пренесуваат во живо онлајн и ќе завршат во недела, 4.12.