Бројот на слики кои се проценети како оригинално изработени од холандскиот мајстор од 17 век, Joханес Вермер, денес е 34, но оваа бројка била мистериозно повисока во текот на Втората светска војна. Десната рака на Хитлер, Геринг, озлогласен присвојувач на уметнички дела, на времето разменил 137 украдени а вредни слики за „новооткриено“ масло на платно на Вермер, едно од оние кои одеднаш се појавиле во годините пред војната. Кога Геринг бил суден за воени злосторства бил информиран дека неговиот „Вермер“ бил всушност лажен, а според сведоштво на присутен на судењето тој изгледал „како прв пат да открил дека постои зло“.
Но сликарот - творец на фалсификатот бил толку добар во лажирање на големите мајстори, што неговата кариера заслужува холивудско сценарио.
Станува збор за Хан ван Мегерен (Han van Meegeren), малку познат сликар, чии оригинални дела биле отфрлени од уметничкиот естаблишмент на неговото време. Уште како дете се обидувал да слика по углед на златното доба на холандската уметност, но ликовните критичари го оцениле како обичен имитатор.
Така ли? - како да си рекол Мегерен, одлучен да го возврати ударот на таканаречената ликовна елита. Мотивиран да го создаде совршениот фалсификат, тој немал толку намера да се збогати колку да им покаже на неговите колеги дека е исто толку добар колку и еден Вермер. Секако, не му дошло лошо тоа што за залечување на раните од лошите критики уште од првиот продаден фалсификат успеал да купи огромна вила во јужна Франција, и да ја наполни со копии од старите мајстори.
Сепак, и за ова било потребно работа: проучување на животите на најголемите холандски сликари, нивните техники и стари формули за бои. Мегерен правел и посебни четки какви што користел Вермер, за да создаде исти ефекти на платното. За да изгледаат постари, платната ги печел во печка, што создавало лажни пукнатини. Дури по шест години проценил дека е подготвен да ги измами најголемите авторитети на уметничкиот свет.
Во мај 1940 нацистите влегле во Холандија, и еден од лажните Вермери паднал во рацете на Херман Геринг кој во тоа време се натпреварувал со фирерот кој ќе биде најголемиот колекционер на уметност во светот - збирка секако составена од украдени дела од походите низ Европа, Русија и особено од еврејските семејства настрадани во холокаустот. Геринг поседувал над 1800 украдени дела, но негов омилен сликар бил Вермер, кој не бил доволно познат до почетокот на 20 век. Хитлер во тој момент имал две дела од овој сликар, па Геринг решил дека ќе има повеќе.
Сликата на која кончено наишол била „Христос со прељубницата“, која му била продадена на нацист-банкар и трговец со уметнички дела во 1942. Тоа и не било најдобро дело на Ван Мегерен - имал 53 години а неговото здравје се влошувало со оглед на алкохолизмот и зависноста од морфиум. Но измамата успеала, со оглед на тоа што голем дел од светската уметност била во засолништа во текот на војната, па немало многу оригинали со кои би се споредил неговиот фалсификат. Сликата е продадена на Рајхмаршалот за евиквалент на денешни 7 милиони долари. Геринг гордо ја закачил во својата резиденција надвор од Берлин, а подоцна заедно со другите дела ја скрил во австриски рудник за сол, пред Американците и сојузниците да го откријат подземното депо со 6750 украдени дела во 1945. Меѓу нив и сликата на Ван Мегерен, која и денес би можела да ги залаже и најдобрите познавачи на холандскиот мајстор.
По војната Мегерен бил уапсен и обвинет за продавање холандско културно наследство на нацистите, соочувајќи се со обвинувања за предавство и евентуално со смртна казна. Во тој момент на сметката на сопругата имал наталожено 30 млиони долари. Судењето започнало во 1947 со негово признание за измама. Но бидејќи казната за ова била многу помала, тој морал да го преслика своето последно фалсификувано дело во затворена просторија во присуство на сведоци назначени од судот и медиумски фотографи - „Исус помеѓу докторите“ на Вермер. Помогнало и тоа што во неговото студио биле пронајдени шишенца со точните хемиски компоненти од боите на сликите. На крај бил обвинет за фалсификат и измама и осуден на една година затвор, која никогаш не ја одлежал. Ова се холандски вести за судењето:
До крајот на процесот мајсторот фалсификатор станал втор човек по популарност по премиерот, а јавноста го сметала за херој кој ги надмудрил и нацистите и уметничката елита. Но Ван Мегерен не мислел така: „Мојот триумф како фалсификатор е мој пораз како креативен уметник“.
Починал наскоро, на 58 години од срцев удар.
Список на сите дела кои тој ги лажирал заедно со сумите за кои се продадени тука