Ликот на слепиот музичар е вграден во митологиите на голем број култури - неможноста да се гледа кон надвор е толкувана како предност за духовно гледање навнатре, како и развој на посебни уметнички вештини, меѓу кои и музичките. На Балканот асоцијацијата е со слепите гуслари, кои паралелно свиреле и низ стихови раскажувале за големи историски настани, забавувајќи ги и информирајќи ги слушателите во предтелевизиско доба.
Но да си слеп изведувач на класична музика е многу покомплицирана работа. Треба да се читаат нотите, а при настап со оркестар да се следат диригентските упатства. Иако Браевото писмо вклучува и музички ознаки, транскрипцијата на музика за класични изведувачи во светот главно ја вршат мал број волонтери и невладини организации, а технологијата иако се развива сепак во голема мерка се базира на графика, односно на визуелна комуникација.
Но има и ретки поединци кои се толку упорни и талентирани што имаат развиено свој систем на вежбање и настапи. Еден од нив е Нобујуки Цуџии, денес на 30-годишна возраст, роден слеп заради микрофталмија. Тој веќе на две години се обидел на пијано-играчка да фати мелодија која му ја пеела мајка му, а на четири почнал формално музички да се образува. Сето ова кулминирало кога наполнил 17 и стигнал до полуфинале на престижниот Шопенов натпревар во Варшава, добивајќи ја на крај наградата од критиката.
Во интервјуа во кој е запрашан за начинот на кој се подготвува, Нобујуки вели дека новите музички дела ги учи исклучиво по слух. Тим од пијанисти ги снима изведбите во помали парчиња, и одделно за двете раце, заедно со специфичните инструкции наведени од композиторите, кои тој потоа ги слуша и ги вежба. Ова не значи дека тој ја копира интерпетацијата на другите, туку ги користи овие снимки, како што вели, како „нотни записи за ушите“. За кратко дело му се потребни неколку денови, но за концерт и по неколку месеци.
Па сепак, неговата дискографија е прилично обемна, исто како и списокот на оркестри и диригентни со кои свирел. Најпознат е по изведбите на Шопен, кои и му ја донесоа спомнатата награда во 2005. Во 2014 е снимен филм, „Допирајќи го звукот“, кој го документира неговиот живот од детството до неговото деби во Карнеги Хол во 2011.
Слушнете и видете го како го изведува првиот концерт на Чајковски во Санкт Петерсбург