На страницата на тн. Чикаго монјументс проџект неодамна излезе соопштение за тоа дека за четириесетина споменици во градот е потребна јавна расправа околу пораките кои тие ги пренесуваат, особено во контекст на претставувањето на значајни историски личности и малцински групи.
Меѓу потенцијално непожелните се најде и дело на Мештровиќ, кое од страна на познавачите е оценето како едно од најзначајните во неговиот опус - „Стреличарот“ и „Копјаникот“. Композицијата се состои од два воина на коњ, северно-американски Индијанци, во борбени пози на фрлање стрела односно копје. Замерката кон овој споменик е дека тој прикажува „романтизиран и редуциран приказ на Индијанците“.
Мештровиќ овие скулптури ги изработувал во Загреб, а во Чикаго се поставени во 1928. Финансиски биле поддржани од компанија на извесен Бенџамин Фергусон, а се сметаат за брилијантно остварување на споменичка пластика, со „мускули на коњаниците кои се речиси анатомски реални“. Специфично за нив е што, иако се во борбени пози, не држат оружје во рака.
Историчарите на уметност во родната Хрватска на авторот се шокирани, и велат дека штурото објаснување може да се толкува на различни начини. На пример хипердимензионираноста на фигурите може да е и знак на времето, меѓувоениот неокласицизам и стилот арт-деко, чиј карактеристичен претставник бил Мештровиќ. Оттаму и голотијата која укажува на машката физичка снага, но и на моралните вредности. Изоставувањето на лакот и стрелата и на копјето и скулпторска инвентивност и обратно од обвинувањата, точно отстапување од стереотипните, романтични прикази на Индијанците. Оттаму, Музејот на Иван Мештровиќ и Филозофскиот факултет при Универзитетот во Сплит заеднички ќе состават апел кој ќе му биде испратен на Чикашкиот комитет.