150 години од раѓањето на Ерик Сати

Славниот композитор кој јадеше само бела храна

Претходник на минимализмот, надреализмот и театарот на апсурдот, Сати себеси не сакал да се нарекува композитор, туку човек кој создава амбиентална музика што се вклопува во просторот како дел од мебел. Ова е само една од неговите ексцентрични идеи, кои и по век и половина од неговoто раѓање само покажуваат колку бил пред своето време.

Покрај толку филмови за композитори, необично е што до сега не е снимен еден за Сати, особено имајќи предвид што сè би можело да содржи тоа сценарио - насилство (бил во притвор заради напад на музички критичар), гламур и познати фаци (од типот на Стравински, Равел и Пикасо), декаденцијата на Париз на преминот од 19-20 век, акробатски секс (буквално, бидејќи единствената девојка којашто ја имал, сликарката Сузан Валадон, била поранешна циркуска акробатка), и топла приказна за талентиран младич кој најпрвин бил оценет како „неталентиран" од неговите наставници, но на крај успеал да го натера светот да ја засака неговата музика.

Списокот на ексцентричности поврзани со овој композитор е долг, и почнува со чудните имиња на неговите дела - „Три парчиња во форма на круша", „Прелудиуми за едно куче", „Студени композиции". Поседувал седум идентични, сиви плишани одела кои ги носел цели 10 години. Велел дека јаде само нешта што се бели. Омлетот морал да му биде направен од 30 јајца, а познат е случајот кога изел 150 школки наеднаш. Живеел во истиот скапан стан на Монмартр, од моментот кога се преселил во него на дваесет и нешто години, до неговата смрт три децении подоцна. Никој, никогаш не смеел да дојде на гости, освен по некое куче собрано од улица. Кога пријателите конечно влегле во неговиот стан по неговата смрт, внатре затекнале хаос.

Неговите „Гимнопедии" денес имаат статус на поп музика, но во времето кога ги создавал овие колажни, често пародични пијано минијатури, тие биле авангардни и до тогаш нечуени дела. Равел и Дебиси биле инспирирани од него, но вистинскиот ефект на неговото мешање на „високата" и „ниската" уметност, на прифаќањето на апсурдното и надреалното во музиката, се случило дури со Џон Кејџ. „Нема сомневање во важноста на Сати. Тој е незаменлив", изјавил Кејџ. А ние од некаде ги ископавме нотите, кои некогаш сме знаеле да ги свириме. 

Двочасовен „луп“ од неговата Гимнопедија бр. 1 (инаку трае 3:36 минути)

17 мај 2016 - 15:41