На 11 јуни 2018, неодамна починатиот антрополог Дејвид Гребер (за кого претходно пишувавме тука и тука), објави извинување на својата веб страница. Тоа се однесуваше на Хау - списанието за етнографска теорија кое тој го воспостави во 2011, а кое набргу прерасна во една од најиновативните и највозбудливи публикации во оваа област.
„Би сакал да им се извинам на сите кои биле повредени со нивното учество во Хау“, започнува неговиот текст, напишан шест години по иницирањето на списанието. Во него тој спомнува инциденти на физичко насилство, закани и друг вид малтретирање, со кои уредништвото според него не излегло на крај онака како што требало.
За неупатените ова беше прилично нејасна, речиси кодирана порака - што точно се случило и кој е виновен?
По објавата на Гребер се појавија и две отворени писма, обете анонимни, наводно напишани од поранешни членови на ХАУ, кои обвинуваат нивен колега, Џовани да Кол, докторанд кој го ко-основал списанието, го уредувал, и кој бил единствениот кој работел на него во текот на целиот тој период. Помеѓу другото, тој е обвинет за непрофесионална работа, вознемирување и злоупотреба, проневера на пари и однесување кое граничи со сексуално малтретирање.
Сето ова резултираше со повик од 80 минати и сегашни членови на уредничкиот одбор на списанието кои побараа детална истрага. Наскоро скандалот оддекна во антрополошките кругови, и престана да има врска само со конкретниот настан туку со начините на кои современата антропологија е морално корумпирана, штетна институција во која (иронично за антрополози) токму моќните ги малтретираат послабите. На социјалните мрежи се разви дискусија под хаштагот #hautalk.
Приказната е следна: пет години по воспоставувањето на списанието станало јасно дека моделот на бесплатно достапни содржини е неодржлив и дека трудот на главно младите соработници е преголем за да биде волонтерски. Во мај 2017 20 членови на бродот требало да гласаат за тоа University of Chicago Press да стане издавач на хибриден модел на отворен пристап и претплата. Издавачот тврдел дека со ова проектот ќе може да ги сноси трошоците на лектура, дизајн и дистрибуција следните 20 години.
Проблемот бил што голем број приврзаници на отворениот пристап биле против, од принцип. Еден од нив бил и Гребер, кој не сакал во целата работа да се замеша „корпоративен издавач“. Освен тоа, ова би изгледало лошо во биографијата на некој што својата слава ја стекнал како анархист. И покрај резервите, бордот го одобрил спојувањето, а улогата на Џовани да Кол била истакната како суштинска за дотогашниот успех на списанието. Всушност тој бил и еден од оние кои го поттикнале преминувањето кај новиот издавач, бидејќи проектот едноставно премногу му значел за туку-така да згасне. Гребер од друга страна веќе бил етаблирано име со приходи кои секако не зависеле од списанието, во кое и онака имал „орнаментална“ улога.
Така, конфликтот помеѓу нив тлеел, до моментот кога во екот на кампањата #MeToo Гребер почнал да кова завера според која да Кол требало да биде наместен како сексуален предатор. „Потребен ни е супер-јасен случај на сексуално малтретирање“, напишал тој во протечен мејл до свој ко-конспиратор. И ова требало да се случи на конференција на најзначајната антрополошка асоцијација во САД и во светот, AAA (American Anthropological Association), помеѓу 29 ноември и 3 декември 2017. Гребер дури му испратил и мејл на да Кол со предупредување да даде оставка пред да се случат „неодминливи скандали“.
Сето ова не вродило со резултат - ниту да Кол дал оставка, ниту пак извршниот одбор нашол докази за некакви негови престапи, што во случајот со сексуалното малтретирање не е јасно ни како би можел да ги направи кога контактот помеѓу него и соработниците, како и авторите на текстовите бил минимален (станува збор за дигитално списание).
Во детален текст објавен во списанието Quillete, кое важи за „гласот на интелектуалниот дарк веб“, се опишуваат сите маки низ кои поминал да Кол, кому многу помоќниот Гребер му го загорчил животот и покрај недостатокот на докази, и тоа со користење методи на оговарање и поттикнување лична омраза кон него кај на луѓе кои едвај го познавале (ама затоа многу добро го познавале и зависеле од Гребер).
„Славна и моќна фигура во областа на антропологијата ја искористил својата привилегија за да си направи своја верзија на ’анархистичка правда’ - кога идеалот на отворено истражување дошол во конфликт со реалноста, тој се држел до идеалот без оглед кого притоа би повредил. Неговата верзија на правичноста - далеку од тоа да биде транспарентна, фер или достоинствена - се состоела само од повикување на емоции и на сировата сила на владеењето на толпата“, завршува текстот.
И ова не е единствената иронија. „Хау“ е концепт популаризиран од францускиот антрополог Марсел Мос во неговата книга „Подарокот“ од 1925 - маорско верување дека оној кој подарува и оној кој прима подарок се поврзани со невидлива сила. Насловот требало да го сугерира начинот на кој списанието самото по себе е подарок и место за размена на убави нешта. Всушност, излегло сосема спротивното.