Утрото на 18 ноември 2014, во парискиот седми арондисман, полн со уметнички галерии и луксузни бутици, полицијата влегла во Отел де ла сал, некогашен дом на аристократи, сега седиште на Аристофил, инвестициска комапнија основана од Жерар Леритие, син и внук на водоводџии. За само две децении, тогаш 66 годишниот Леритие (на сликата горе) - „кралот на ракописите“, како што го нарекуваа локалните медиуми - ја собрал најголемата приватна збирка историски писма и ракописи во земјата. Помеѓу неговите 130.000 и кусур документи се и оригиналниот Манифест на надреалистите на Бретон, љубовните писма на Наполеон до Жозефина, тестаментот на Луј XVI и делови од пергаментите од Мртво море.
Еден од вредните ракописи се чувал во стаклена кутија изложена на приземјето на вилата: пожолтен и кршлив 12 метри долг свиток, испишан со 157.000 збиени зборови, кои не се читливи без лупа. Составен во затворска ќелија од Донатиен-Алфонс-Франсоа, подобро познат како Маркиз де Сад, романот „120 денови Содома“ е опишан и како „еден од најзначајните дела на сите времиња“, и како „житие на злото“.
Загубен повеќе од еден век, и криумчарен низ Европа, тој станал еден од највредните ракописи во светот пред Леритие да го купи за седум милиони евра (или 10 милиони долари) во март 2014 - годината која случајно се поклопува со јубилејот 200 години од смртта на Сад (за што претходно пишувавме тука). Изложбата во канцелариите на Аристофил требала да биде дел од серија настани низ земјата. Но тој ноемвриски ден полицијата не само што влегла во канцелариите на Аристофил, туку и во неговата вила во Ница, како и во просториите на неколку негови соработници. Запленети се финансиски документи, компјутерски хард дискови, а судовите ги замрзнуваат неговите сметки.
Леритие тогаш беше обвинет за измама на скоро 18.000 клиенти, и за сума од околу 1 милијарда долари.
Во текст во Есквајр се опишува долгата и турбулентна судбина на „120 денови Содома“, до моментот кога Леритие го откупува и ѝ го нуди на Националната библиотека на Франција, со можност таа да го преземе во замена за значајно намалување на данокот на неговата компанија, и дури по 5-7 години, период во кој тој би го изложувал во сопствените простории. Иако библиотеката се согласила, тогашниот Министер за култура Аурелие Филипети имал сомнежи во интегритетот на Аристофил, бидејќи претходно овој ѝ продал на владата наводни писма на Шарл де Гол, кои всушност припаѓале на државата, плус наместо оригинали им дал фотокопии.
Недовербата од таа страна резултирала со недоверба и од другава - кога Музејот д’Орсеј побарал да го позајми свитокот за изложбата „Сад: напад на сонцето“ која се отворила тој октомври 2014, Леритие одбил, верувајќи дека позајмица на институција која е под Минситерството за култура може да значи дека тој веќе никогаш нема да го види ракописот. Наместо тоа, еден месец пред изложбата на музејот си отворил своја. Набргу потоа полицијата му тропнала на врата.
Истрагата која траела со години покажала необичен бизнис модел, кој успевал да ги прикрие перењето пари, измамничките пазарни практики и нарушувањето на довербата. Леритие ја цепкал сопственоста на писмата на делови - стандардна практика во бизнисот со недвижнини но непозната во светот на трговијата со антиквитетни книги и ракописи. Така пазарот сега се отварал за луѓе со пониски примања, служебници, наставници и сопственици на дуќани, кои сакале да направат инвестиција ослободена од данок, а притоа тоа да е поврзано со нешто благородно како што е националното книжевно наследство. За само неколку стотина долари тие можеле да станат сопственици на преписки кои ја промениле историјата, или на писма напишани од раката на Кокто или Матис. По пет години ваквите акционери имале опција да ги продадат акциите назад на компанијата. Во меѓувреме Аристофил ги чувал писмата и ги промовирал на изложби во новоотворениот Музеј на писма и ракописи, зголемувајќи им ја вредноста.
Но иако ова звучи законски, голем број од процедурите во најмала рака биле сомнителни. По пат тој стекнал и голем број непријатели, на пример конкуретните продавачи на антиквитети - еден од нив дури напишал и крими роман, под наслов „Црвена пепел“, чиј главен лик, злиот Августин, кој се обидува нечесно да го преземе пазарот со писма во Париз, е направен според Леритие. Едноставно, многумина не ја поднесувале неговата ароганција, и неговата нечесност во свет каде џентлменските и фер договори се сметаат за дел од приказната.
Сега тој се соочува со 10 годишна затворска казна. Судот му ги има замрзнато имотите (иако се уште му е дозволено да живее во својата 5-милионска вила), трите тркачки коњи, неговите два летачки балона и електронска ВЦ шоља со загреано седиште и капак кој се отвара сам - ултимативен трон за син и внук на водоводџија. Неговиот син платил кауција од 2.5 милиони долари, за татко му да се подготви за судењето, за кое се уште не е одреден датум. Но Леритие не го болат толку парите што ќе ги загуби, особено кога целата негова збирка ќе се продава „на добош“, колку што го боли тоа што сите претставници на француската елита кои до вчера се крстеле во него сега му вртат грб.
„Можеби навистина ракописот на Сад е проколнат, толку скандалозен и богохулен што му се свети на секого што ќе го допре“, вели сега тој. Иако веројатно никогаш не се занимавал премногу со подлабокото значење на опусот на овој автор, бидејќи никогаш не ја прочитал до крај ни оваа негова книга.