17 јуни 1944. По пристнувањето на сојузниците во Нормандија, ослободувањето на Париз изгледало сигурно. Членовите на движењето на отпорот оставиле мали сандаци - смртни закани - во поштенското сандаче на романсиерот и доктор Луј-Фердинанд Детуш, попознат по своето уметничко презиме, Селин. Неговата жена, танчарката Лисет Алмансор, морала да сошие златници во поставата на мантилот на сопругот. Тој се поздравил единствено со својата пријателка, актерката Арлета, позната по својата улога во антологискиот филм „Деца на рајот“ и по тоа што имала љубовник Германец. Неговата секретарка земала со себе неколку ракописи, но Селин бил приморан да ги остави зад себе речиси сите свои материјали.
Месје и мадам Детуш избегале со својата мачка Бебер накај Гар де л’Ест, на пат кон Германија. Некое време биле засолнати кај премиерот-колаборационист на нацистите, маршалот Филип Петен во замок кај Симгаринген. Потоа парот патувал до Данска, каде Селин закопал купче златници. Данците го ставиле во затвор каде бил две години, додека го разгледувале барањето на Французите за негова екстрадиција.
Франција го осудува Селин за нарушување на безбедноста на државата во 1951, но потоа го амнестира врз основа на тоа што е инвалидизиран ветеран од Првата светска војна. Тој потпишува ексклузивен договор со издавачот Галимар и повторно почнува да се занимава со медицинска практика, во својот нов дом близу Париз. Лисет пак заработува од часови по танц.
До својата смрт во 1961 тој бил огорчен од ограбувањето на неговиот стан на Монмартр летото 1944. „Не ми оставија ништо“, напишал во 1957. „Ни марамче, ни столица, ниту еден ракопис“. Неговите биографи залудно се обидувале да им влезат во трага на тие материјали.
Но на 6 август оваа година весникот Ле Монд објави сторија на три страници под наслов „Повторно откриените богатства на Селин“. Националната библиотека на Франција автентицирала речиси 6000 страници негови ракописи, меѓу кои и три необјавени романи во различни фази на завршување, верзии на претходни романи, преписки и лични документи, во вредност од десетина милиони евра. Необична сума и судбина за писател познат по тоа што имал објавено три „вирални“ антисемитски трактати: „Ситници за масакр“ (1937), „Училиште за трупови“ (1938) и „Убав неред“ (1941). Сепак, брилијатноста на неговите романи, во кои нема антисемитска реторика, превагнала, па така Селин се смета, заедно со Пруст, за џин на француската книжевност на 20 век. Ова особено затоа што тој сочувствувал со војниците во рововите, со колонијална Африка, со фабричките работници, проститутките и азилантите. Во академските кругови е третиран како отпадник, но се до моментот кога Фредерик Вито, тогаш докторанд а сега член на Француската академија, не одлучил да ја пишува својата теза за овој писател, во 1968. Во 1988 тој објавува и книга „Животот на Селин“, која доби три големи книжевни награди.
Помеѓу пронајдените материјали спаѓа и романот „Топовско месо“, кој се смета за алката која недостасува за заокружување на трилогија, во која спаѓаат и славната „Патување до крајот на ноќта“ и „Смрт на рати“. Првата раскажува за неговиот живот по Првата светска војна. Втората за несреќното детство и адолесценција. А „Топовско месо“ е за искуствата на Селин како војник во Првата светска војна.
Ова дело од 600 страници било помеѓу нештата украдени од спомнатиот стан, за што Селин го обвинувал Оскар Розембли, Корзиканец кој му бил сосед и вработен кај писателот како сметководител (Селин мислел дека тој е Евреин, па го ангажирал согласно стереотипот дека Евреите се вешти со пари). Кога Париз бил ослободен, Розембли велел дека и тој е борец, но всушност толку многу крадел што членовите на движењето на отпорот го уапсиле. Водел интересен живот и на крај се вратил на Корзика, каде бил познат по тоа што се капел гол во селската фонтана. Ја однел тајната во гроб откако умрел во 1990.
Потоа, по 15 години, некој ги дал ракописите на Жан-Пјер Тибод, поранешен дописник од Москва и театарски критичар за весникот Либерасјон. Тој тврдел дека анонимниот донатор побарал од него да вети дека нема да ги објавува ракописите додека не умре Лисет, затоа што не сака таа да заработи ни франк од нив. Но таа си поживеа, до 107 години, и почина дури во 2019.
Тибо во меѓувреме ги каталогизирал и транскрибирал ракописите. Во јуни 2020 тој и адвокат специјалист за авторски права ги контактирале наследниците на Лисет. Но во септември 2020 овие покренале судска парница против Тибо за поседување украдени добра. Француските власти ги презеле документите во три големи торби и им ги предале на наследниците - адвокатот на Лисет и нејзина пријателка, и таа поранешна танчарка. Потоа целиот случај е обелоденет во француските медиуми.
Во моментов се уште течат препукувањата, во кои Тибод тврди дека сето ова го направил во корист на француската книжевност, додека спротивната страна вели дека станува збор за класична кражба. Судењето се очекува да открие која е вистинската приказна за ракописите со необична судбина. Тие веројатно наскоро ќе се појават во издание на Галимар, кој се уште е ексклузивен издавач на делата на Селин.