Aктерот сер Кристофер Ли, кој почина во 2015, а беше најпознат по своите улоги на Дракула и Саруман во „Господар на прстените“, тврдеше дека е директен потомок на Карло Велики. Во 2012 тој сними и симфониски метал албум на кој му оддаде почест на првиот Римски император. Но неговиот ентузијазам и фалење изгледа беа малку претерани. Затоа што на крајот на краиштата, буквално сите со европско потекло се директни наследници на царот.
Во 2013 научниците Питер Ралф и Греам Купер објавија статија во која укажаа токму на ова - дека семејното стебло на човештвото е многу поповрзано отколку што вообичаено мислиме. Култоролошки и психолошки не сме навикнати да мислиме на потеклото во широки рамки, туку само во рамки на сопственото семејство. Генеалозите често се фокусираат дури и на само еден огранок на семејното стебло, што прави лесно да заборавиме колку е голем бројот на нашите вистински предци.
Истражувачите пресметале дека, со оглед на експоненцијалниот раст на бројот на предци, како што се враќаме назад во времето, до 33-тата генерација, значи 800-1000 години претходно, веќе имаме 8 милијарди од нив. Тоа е повеќе од бројката на луѓе кои се живи денес, и секако е повеќе од бројката на светска популација пред еден милениум.
Ова изгледа како парадокс но има едноставно објаснување: нашите семејни стебла не се разгрануваат цело време, туку нивните гранки често се во форма на круг, со тоа што голем број предци зафаќаат поголем број места на стеблото. На пример нашата пра-пра-пра....баба истовремено можела да биде и наша пра-пра-пра...тетка.
Во генетиката постои момент во времето, наречена „изоточка“ (isopoint), кој претставува датум нашите семејни стебла веќе не споделувале само еден предок, туку СИТЕ предци. Ова значи дека семејните стебла на кои и да е двајца луѓе на Земјата, без оглед колку се навидум далечни, водат до иста група предци. Ако сте биле живи во тоа време, тоа значи дека сте предок или на сите кои се живи денес, или на сите кои се веќе починати. Луѓето ја напуштиле Африка и почнале да се распрснуваат низ светот пред најмалку 120.000 години, но изоточката се појавила многу понеодамна - некаде помеѓу 5300 и 2200 година пред нашата ера.
Изоточката е уште поблиска за луѓето со европско потекло. Истражувачите кои користеле геномски податоци ја лоцираат некаде околу 1000-тата година од нашата ера. Така, кралското потекло на Кристофер Ли не е нешто „уау“ - бидејќи Карло Велики живеел во 800-тите, значи пред изоточката и има живи наследници (од 18-те деца од седум различни жени), па секој со европско потекло е негов директен наследник.
Сепак, генеалошката поврзаност не секогаш подразбира и генетска поврзаност. Не секој Европеец ги носи гените кои ги пренел Карло Велики. Луѓето се поблиску поврзани генеалошки отколу генетски поради едноставна математичка причина: одреден ген се пренесува на дете само од еден родител, не од двајца. Така, следниот пат кога ќе слушнете некој да тврди дека има кралско потекло, може слободно да му одговорите „кај си бе, брачед!“.