Паблишерс Викли неодамна објави листа на сите книги чија продажба нагло се зголемила во последно време, што со оглед на нивната содржина најверојатно коинцидира со најновите политички случувања. Еве некои од нив:
1. „Тоа не може да се случи тука“ од Синклер Луис
Неверојатен пораст од 12,346 проценти во првите четири недели на 2017, споредено со истиот период лани.
2. „Изворите на тоталитаризмот“ од Хана Арент
1,058 проценти зголемување.
3. „Март: Книга број 1“ од Џон Луис
427 проценти зголемување
4. „Трамп: уметноста на договорот“ од Доналд Трамп и Тони Шварц
325 проценти зголемување
5. „1984“ од Џорџ Орвел
185 проценти зголемување
6. „Сите би требало да бидеме феминисти“ од Чимаманда Нгози Адичи
133 проценти зголемување
7. „Уставот на САД“
78 проценти зголемување
8. „Новиот храбар свет“ од Олдос Хаксли
43 проценти зголемување
9. „Животинска фарма“ од Орвел
36 проценти зголемување
10. „Фаренхајт 451“ од Реј Бредбери
9 проценти зголемување.
За Орвел, хана Арент и Уставот ни е јасно. Но која е таа книга на првото место?
„Тоа не може да се случи тука“ од првиот Американец-добитник на Нобелова Синклер Луис, е објавена во 1935, со наднаслов „Што би се случило кога Америка би имала диктатор?“. Опишана е како „полу-сатиричен роман“ (веројатно затоа што другата половина е сосема реална), објавена во текот на подемот на фашизмот во Европа.
Главниот лик, Берзелиус „Баз“ Виндрип, е политичар кој го победува Рузвелт и е избран за претседател на САД, по кампања која ветува драстични реформи, враќање кон патриотизмот и „традиционалните“ вредности. По изборите, Виндрип презема целосна контрола врз владата и наметнува плутократско/тоталитарно владеење со помош на сурова паравоена формација, во стилот на Хитлер. Романот се фокусира на напорот на еден новинар да му се спротивстави и да покрене поширок отпор.
Книгата наводно била инспирирана со политичар од Лујзијана кој таа 1935 се подготвувал да се кандидира за претседател, но е убиен пред самото објавување на книгата. А можеби нема врска со него, туку со нешто што ќе се случи осумдесет години подоцна.