Симфонискиот оркестар на Колорадо, после триста перипетии, го одржа долго најавуваниот „марихуана-френдли" концерт на 23. мај. На него можеше да се присуствува само со посебна покана, под услов да имате над 21 години, да донирате најмалку 75 долари и да си донесете своја „трева". Се пушело само на терасата, каде не бил дозволен пристап на медиумите.
Тој е прв од четирите планираните настани за собирање средства за серија концерти под наслов „Класичен канабис". На оваа прва вечер биле собрани 30,000 долари, како од донации, така и од продажба на хартија за виткање, запалки и тегли за чување на „мастрафот". Градските адвокати предупредија дека концертот ризикува да ги наруши законите кои забрануваат јавно користење марихуана. Токму затоа картите кои најпрвин беа пуштени во продажба потоа беа повлечени, и присуството беше можно само со покана. Така настанот привлече уште поголемо внимание, што и беше целта на оркестарот.
Тој се соочува со финансиска криза, и нема пари да плати кирија за просториите. Неколку регионално блиски оркестри веќе се на работ на пропаѓањето, а оној од Филаделфија банкротираше во 2011. И до сега овој од Колорадо се обидувал да привлече внимание, како на пример со организирањето на концертите во серијата „Бетовен и пиво", спонзориран од локалната пивска индустрија. Тогаш зошто да не се влезе во партнерство со една од најновите и најисплатливите индустрии во градот, дури и ако нејзиниот производ сè уште не е легален според федералниот закон?
Оваа контрадикторност, дека Колорадо произведува мархиуана и ги повикува луѓето од целиот свет да ја купат токму од тука, а од друга страна пушењето на јавни места е забрането, е една од работите кон кои сакаат да привлечат внимание организаторите. „Повеќе би сакал да ја водам јавната дискусија во врска со марихуаната покрај неверојатно талентирана група луѓе како музичарите од симфонијата, отколку на концерт на Снуп Дог", изјавил Кајван Калатбари, кој продуцира стенд-ап шоу наречено Секспот комеди во Денвер, и кое исто така функционира само врз база на покани.
И на крај, проблемот за којшто никој не размислуваше освен музичарите - што побогу да свират на ваков настан? Некој ја предложил Фантастичната симфонија на Берлиоз, но таа била напишана врз основа на опиумски сон, а не на трева. На крај се одлучиле за музика која го најавува „новиот храбар свет", свечена и со многу...дување. Концертот почнал со увертирата од „Така зборуваше Заратустра" од Рихард Штраус (онаа од 2001: Одисеја во вселената), а продолжила со малку помеки тонови од Дебиси и Бах. Една постара госпоѓа, полнејќи си го стакленото луле, изјавила: „Не ги сакам журките со стонирани панкери. Ова ми е поубаво. Чувството е некако елитно".