Најстарата регистрирана сијалица која се уште функционира се наоѓа во Ливермор, Калифорнија. Виси на обична жица од таваницата на Пожарникарската станица број 6 во овој град и наводно свети од 1901 година. На 27 јуни 2015 била одржана забава за прослава на милионитиот час на нејзиното работење. Таа е позната како Стогодишната светилка, и привлекува туристи во инаку не многу атрактивното гратче.
Сијалицата може да се следи во живо на посебен сајт полн со различни детали, на кои се наведени дури и книги инспирирани од неа, меѓу кои сликовници за деца и книга чиј наслов е „Се моли последниот човек што ќе го напушти Ливермор да ја одврти сијалицата“. Истовремено се наведуваат и куп докази за нејзината старост, која уште во 1972 ѝ донела место во Гинисовата книга на рекорди.
Сијалицата ја изработила Шелби Електрик Компани од Шелби, Охајо (воспоставена во 1896, згасната во 1912); дизајнер е францускиот електро-инженер Адолф А. Шале (1867-1914); жичката што свети е карбонска, направена со „таен процес“ кој до денес е непознат. Она што е интересно е што гледана од долу таа го формира зборот „не“ (no) ракописно.
Има повеќе теории зошто сијалицата е долготрајна, а една од нив е дека поради речиси континуираното светење (исклучувана е само 4 пати во текот на сите овие години) таа не била изложена на постојано гасење и палење како обичните домашни светилки. A можеби има и нешто мистично во светилка која свети вечно. Да не ја урочиме...