Бјунг-Чул Хан е едно од најинтересните имиња на современата германска филозофија. Роден во Сеул, Јужна Кореја, во 1959, тој најпрвин студирал металургија пред да се пресели во Германија во 1980тите, каде запишал студии по филозофија. Докторирал на Универзитетот во Фрајбург со теза за Мартин Хајдегер во 1994.
Темите на којшто пишува се нешто помеѓу филозофска дијагностика и општествена критика. Хроничниот замор, депресијата, нарушувањето на вниманието, сите тие според него се и причинители, но и последици на живот во „инфарктно“ време и општество. Насилството кое ваквиот начин на живот го врши врз поединецот не е секогаш очигледно, но на долг рок предизвикува не само физички тегоби и тешки болести, туку и затворање во себе, нарцизам, неспособност да се изградат и одржат врски, да се биде, во вистинската и квалитетна смисла на зборот.
Заради нивната масовност, стресот и уморот веќе не се само лични искуства, туку и општествени и историски феномени, и тоа такви кои се знак на регрес. „Мултитаскинг“-от е далеку пораширен кај животните, тоа е техника на внимание крајно неопходна за преживување во дивината. „Животното“, вели Хан, „мора постојано да демне, за при лапањето да не биде и самото излапано“. Нашето општество е всушност џунгла, во која обидувајќи се да не бидеме изедени, се одвнатре се „јадеме“ самите себеси.
Книгата - трактат на 70 страници, чиј наслов во оригинал е Müdigkeitsgesellschaft, а во превод на англиски се јавува и како Burnout Society и како The Fatigue Society, неодамна излезе и на македонски во одличе превод на Бобан Здравковски-Андреевски. Еве извадок од неа:
***
Длабоката здодевност
Прекумерната позитивност се изразува и како прекумерност од дразби, од информации и од импулси. Таа радикално ја менува структурата и економијата на вниманието. Преку ова, восприемањето станува фрагментирано и расеано. Исто така, и растечкото оптоварување на работата бара нужно една особена техника на управување со времето и со вниманието, која, пак, влијае врз структурата на вниманието.
Техниката на управувањето со времето и со вниманието multitasking не претставува никаков цивилизациски напредок. Multitasking не е никаква умешност, за која е способен само човекот во доцномодерното трудово и информациско општество. Тука се работи поскоро за регресија. Всушност, multitasking е далеку пораширен кај животните по ловиштата. Тоа е една техника на внимание, крајно неопходна за преживување во дивината.
Животното, кое е зафатено со лакомо лапање, мора истовремено да биде насочено и врз други задачи. На пример, тоа мора да ги држи настрана своите непријатели грабливци од својот плен. Тоа мора постојано да демне, за при лапањето да не биде и самото излапано. Во исто време мора да го чува и своето потомство и да го држи на око својот полов партнер. По слободните ловишта, животното е принудено на тоа за да може го распредели своето внимание на различни дејства. На таков начин, тоа не е способно за никакво контемплативно задлабочување – ни при лапањето, ни при копулацијата. Животното не може контемплативно да се задлабочи во она што е спроти него, бидејќи мора истовремено да го обработува она што е зад него. Не само Multitasking, туку и активностите како што се компјутерските игри произведуваат едно широко, но и површно внимание, кое е слично на будноста на едно диво животно.
Најнеодамнешните општествени развои и структурната промена на вниманието го приближуваат човековото општество сè повеќе до слободното ловиште. Во меѓувреме, мобингот, на пример, достигнува пандемски размери. Грижата околу добриот живот, на која ѝ припаѓа и успешното заедничко живеење, ја смекнува сè повеќе грижата околу прежививувањето.
Ние им должиме на културните достигнувања на човештвото, на кои им припаѓа и филозофијата, за длабокото, контемплативно внимание. Културата претпоставува средина во која е можно длабоко внимание. Ова длабоко внимание станува сè повеќе потиснато од една сосема поинаква форма на внимание, хипервнимание (hyperattention). Ова расеано внимание го означуваат брза промена на фокусот помеѓу различни задачи, извори на информации и процеси. Бидејќи има и една мошне незначителна толерантност за здодевноста, тоа ја допушта исто толку малку и онаа длабока здодевност, којашто не би била неважна за еден креативен процес. Валтер Бенјамин ја именува таа длабока здодевност како „сонишна птица, која го изведува јајцето на опитот.“
Ако сонот е кулминациска точка на телесното опуштање, тогаш длабоката здодевност е кулминациска точка на духовното опуштање. Просто да се ита – тоа не носи ништо ново. Тоа го репродуцира и го забрзува веќе постојното. Бенјамин жали што тоа гнездење на опуштеноста и времето на сонишната птица исчезнува во модерната сè повеќе. Тоа ќе стане не повеќе „вткаено и испредено“. Здодевноста бива едно „топло, сиво платно, кое е обложено однатре со најсјајни, со најјарки бои на свилената опшивка“ и во кое „се куткаме кога сонуваме.“ Биваме „дома во арабеската на неговата опшивка“.
Со исчезнувањето на опуштеноста, се губи „дарбата на наслушувањето“ и исчезнува „дружбата на внесените наслушувачи“. Нејзе ѝ е дијаметрално спротивна нашата активна здруженост. „Дарбата за наслушнување“ почива токму врз способноста за длабоко, контемплативно внимание, во кое хиперактивното его нема никаков приод.
Оној којшто при одење се здодева и притоа не поседува никаква толеранција спрема здодевноста, тој ќе врви натака-навака немирно и трепетно, или ќе преминува од една дејност на друга. Но, оној којшто поседува поголема толеранција спрема здодевноста, тој по некое време ќе познае дека можеби одењето како такво му здодејува. На таков начин, тој ќе биде поттикнат кон тоа да пронајде сосема поинакво движење. Врвењето или, пак, трчањето не се никаков нов од. Тоа е едно забрзано одење. Танцот, донекаде, или вивнувањето претставуваат едно сосема поинакво движење. Само човекот може да танцува. Можеби, при одењето го дофатила некоја длабока здодевност, така што ја надминал, преку тој напад на здодевност, со преод од одечки во танчерски чекор. Во споредба со линеарниот, прав од, танцот – со своите испреплетени движења – е луксуз, којшто сосема му се измолкнува на принципот на продуктивност.
Со изразот „Vita contemplativa“ не треба да се напоменува оној свет во којшто таа била населена првоначално. Таа е поврзана со она искуство на битието според кое она убавото и совршеното е непроменливо и неминливо, и му се измолкнува на секое човечко посегање. Нејзиното основно настроение е зачуденоста од така-бивствувањето на нештата, што е ослободено од секоја исполнивост и процесуалност. Картезијанско-нововековниот сомнеж ја заменува зачуденоста. Сепак, контемплативната способност не е нужно поврзана со неминливото битие. Токму лебдечкото, непривидното или мигновеното му се разоткриваат само на едно длабоко, контемплативно внимание.
И приодот кон ширното и бавното има само контемплативен покој. Формите или, пак, состојбите на траењето ѝ се измолкнуваат на хиперактивноста. Пол Сезан, тој мајстор на длабоката, контемплативна внимателност, еднаш забележал дека може да ја види дури и миризбата на стварите. Ова визуализирање на миризбата наложува една длабока внимателност. Во контемплативната состојба се излегува како од себе и се втонува во стварите. Мерло-Понти ја опишува Сезановата контемплативна согледба на пејзажот како отстапување или одвнатрешнување:
„Отпрвин, тој се обидувал да создаде јаснотија за геолошките слоеви. Потоа, не се придвижувал повеќе од место и само уште гледал, сè додека, како што велела мадам Сезан, очите не му излезеле од главата. (...) Пејсажот, рекол тој, мисли во мене, јас сум неговата свест.“ Само длабоката внимателност ја прекратува „несмиреноста на очите“ и ја создава збирката, која е во состојба „да ги прекрсти немирните раце на природата“.
Без оваа контемплативна збирка, погледот лунѕа наоколу немирно и не доведува ништо до израз. Но уметноста е „дејство на изразот“. Дури и самиот Ниче, којшто го заменил битието со волјата, знаел дека човековиот живот завршува во една смртна хиперактивност, ако од него се прогони секој елемент на задлабоченост:
„Поради недостатокот од спокој, нашата цивилизација паѓа во едно ново варварство. Во ниту една епоха не важеле повеќе оние што дејствуваат, што значи оние неспокојните. Затоа, меѓу неопходните исправки што треба да се направат во карактерот на човештвото, припаѓа и засилувањето на елементот на задлабоченост.“
Kнигата може да се купи тука