На Франција ѝ се може она што кај Ердоган е скандалозно

Не може а да не се забележи лицемерието на европската либерална елита кога се споредуваат реакциите на она што се случува во Турција и во Франција. Кога Ердоган вели дека неговиот политички противник бил уапсен по словото на законот, тоа се исмева како евтина маска за неговата авторитарност. Кога Марин Ле Пен се елиминира од избори, тогаш нема ништо по свето од  „словото на законот“.

„Бунтовен  политичар, подготвен да го вознемири и собори естаблишментот, се отстранува од гласачкото ливче со обвиненија за корупција. Не зборувам за Турција на Ердоган, или за некоја друга далечна автократија, туку за номинално демократската Франција, каде што судот штотуку ги испретумба претседателските избори“, пишува Том Слејтер.

На Марин Ле Пен, лидерката на десничарскиот Национален собир која се подготвуваше за четврт обид за влез во Елисејската палата ѝ е забрането пет години да се кандидира на избори. Прогласена е за виновна за трошење милиони евра од фондовите на Европскиот парламент за финансирање на домашните политички активности на нејзината партија. Казнета е и со 100.000 евра и осудена на четири години затвор - иако би отслужила само половина од тоа, во домашен притвор. 

До тоа можеби и нема да дојде бидејќи ќе се жали на казната, процес кој може да потрае со години. Но, петгодишната забрана за нејзино кандидирање за претседател, или која било друга форма на избрана функција, стапува на сила веднаш, што значи дека нејзино појавување на следните претстедатлски избори во 2027 ќе биде практично невозможно.

Во однос на самите обвиненија за проневера, малку кој верува дека Ле Пен е сосема чиста, иако „креативното сметководство“ одамна е вообичаена дисциплина во Брисел. 

Сепак, тоа што судијата го одобри барањето на обвинителите за обезглавување на нејзината претседателска кампања уште пред да започне, со право ги шокираше поддржувачите на Ле Пен, па дури и некои нејзини противници.

За вистинските демократи, политиките на Ле Пен се ирелевантни. Дали таа - или кој било политичар - треба да ја води Франција или не, мора да се одлучи на изборите, а не на суд. Гласачите се повеќе од способни да ја донесат својата пресуда за неа и нејзините политики и да проценат дали промените во нејзината десничарска партија се реални. Тоа што таа го поддржа законот од 2016 година, кој сега ја овозможи нејзината елиминиација е исто така неважно. Демократските влогови се премногу високи.

Француските гласачи се бесни на елитите, олицетворени во Емануел Макрон, во однос на чиј елитизам француските кралеви се скромни луѓе“,  пишува Слејтер.

Потсетува дека тој и таков Макрон денес заостанува и до десет поени зад некој кој се презива Ле Пен,  со децении омразено презиме во француското граѓанство.

По Националното движење на движење посегнаа заборавените и напуштени француски работници, за да му вратат на забеганиот Париз. Не затоа што одеднаш станаа расисти и фашисти, како што би сакале медиумите да верувате. Со оглед на тоа што левицата стана нерелевантна заглавувајќи во екологијата и идентитетски политики, десницата стана собирно место за заборавените гласачи, оние кои сакаат да го поништат неуспешниот глобалистички консензус. 

Меѓу овие луѓе, елиминирањето на Ле Пен ќе се доживаа како навреда за демократијата. Затоа што тоа и е, без оглед на правните финеси.

Ова е приказна која упорно се повторува. Колку повеќе гласачи се бунтуваат против европскиот естаблишмент, толку повеќе кандидати против естаблишментот се исклучуваат од игра. Во Романија, баучот на руското мешање беше искористен за да се оправда поништувањето на нејзините претседателски избори и евентуално  да се банира нивниот победник, Калин Георгеску. Во Германија, „центристите“ долго време флертуваат со идејата за забрана на омразената АфД.

„Наречете ме старомоден, но мислам дека гласачите треба да ги изберат – и да ги исфрлат – нивните владетели. Очигледно, тоа е борба која Европејците ќе треба одново да ја водат од почеток.“

 

1 април 2025 - 15:11