Половина од кандидатите за полицајци во Берлин не знаат германски

Педесет и пет проценти од кандидатите за полицајци во Берлин имаат потреба од дополнителна настава по германски јазик. Полицијата не дава податоци дали толку се зголемил бројот на неписмени Германци или мнозинството кандидати се со потекло од Турција, Полска или други земји. Политиката на етничко изедначување на процентот на жители и полицајци е меч со две острици. 

Од 240 кандидати за полицајци што во пролетта годинава ја почнале својата обука во Берлин, за 132 е утврдено дека им е потребна дополнителна настава по германски јазик. 

Полицијата објаснува дека „опаѓањето на вештините за писменост“ не е само нејзин проблем, туку е дел од „генералниот општествен развој“. Дел од причините ги гледа во зголемената класна разновидност. Битни фактори се културните и технолошките промени.

Децата и младите луѓе растат во свет во кој има екстремно голема потреба од пишани пораки и информации, а во исто време речиси и да нема текстови без грешки, објави Министерството. На ова ги додава и послабото ангажирање за правопис поради користењето на дигиталните алатки за автоматска корекција на напишаното.

Добрите јазични вештини се задолжителни за вработување во полиција. Кандидатите мора да покажат максимално ниво (Ц2) на познавање на јазикот на крајот од обуката, што се оценува со полагање испит. Две паѓања на испитот автоматски значи отпуштање од службата, согласно Законот за полиција.

Предизвиците за регрутирање во Берлин доаѓаат во услови на растечка загриженост за образовниот систем на Германија, политиките за интеграција и недостигот на работна сила. Но, за спроведување на законот полицајците мора да бидат способни да пишуваат извештаи, да сведочат на суд и беспрекорно да комуницираат во сложени ситуации под висок притисок.

Берлин е единствената германска покраина каде што процентот на нови полицајци со мигрантско потекло се совпаѓа или го надминува реалниот број на жители од заедниците на кои германскиот не им е мајчин јазик. Интегрирањето на имигранти во полициските сили е контроверзна тема во Германија.

Во Берлин, град со мигрантско население од 35%, во 2022 година учеството на мигрантите меѓу кандидатите за обука за полицајци било 42%. Но не се проблем само процентите. Во 2017 година до јавноста протече извештај дека инструктор од Полициската академија Шпандау ги нарекол студентите со мигрантско потекло „пеколно дрски“ и кажал дека им се заканувале на германските колеги.

Тие не се колеги, тие се непријатели во нашите редови, сведочел инструкторот.

Има многу аргументи во корист на вработувањето полицајци со мигрантско потекло. Познавањето на јазикот на мигрантите олеснува многу процеси од секојдневната работа, особено кога итно треба да се деескалира напната ситуација, или за да се евидентираат податоци за кривично дело. Полицаец што познава повеќе јазици може едноставно да реши банални недоразбирања.

Потенцијален проблем што може да ескалира во иднина се промените во тековите на миграцијата. Во Хамбург 21 процент од нововработените полицајци годинава имале потекло претежно од Турција, Полска или Русија. Во градот најголема е турската заедница, но во последниве неколку години третата најголема група имигранти е од Авганистан. Во квартот Билбрук, каде што девет од десет жители се мигранти, се мешаат десетици различни култури и јазици кои не мора да се разбираат, а понекогаш и меѓусебно не се трпат.

10 септември 2025 - 14:05