Забранетата песна за ќерката на еден генерал што се продала во 90.000 примероци

„Варвара саноќ седи на Глифада/лови морски лаврак и црн бранцин/Со јадицата в рака чека/ макарата да заврти“. Навидум безопасна песна за девојка што фаќа риба. Всушност, исмевање на ќерка на еден опасен политичар, во опасни времиња.

Во август 1936 во Грција била објавена забрана за изведување и радиско емитување песна снимена порано истата година, која веќе била огромен хит, не само во Грција туку и во американската дијаспора. Стиховите на „Варвара“ биле потпишани од Панос Тунтас, ја пеел Стелакис Перпинијадис, а во придружба свирел оркестарот на Јуван Чауш. Легендите велат дека песната е всушност на последниов, но поради „мрсната“ содржина тој се плашел да се наведе неговото име. Тунтас бил појака манга во тој период, директор на грчката експозитура на дискографската куќа Колумбија, па на себе го презел ризикот. 

Што било толку страшно во песната, та да биде цензурирана? Стиховите зборуваат за извесна Варвара која цела ноќ седи затскриена крај морскиот брег чекајќи нешто да се „улови“ на својата јадица. Авторот ја поттикнува кога ќе фати рипче да не го пушта назад во водата. „Држи го за главата, не му давај да избега“, велат стиховите, а вештата Варвара е задоволна од ноќното рибарење. 

Девојки со ваков лик и дело можело да има многу. Но во јавната свест Варвара била поврзана со Лукија - Лулу Метаксас, раководителка на женската секција на Националната младинска организација (ЕОН), воспоставена од режимот на нејзиниот татко - генералот Јоанис Метаксас. Истиот тој 4 август 1936, тој со поддршка на кралот Јоргос (Џорџ) Втори го суспендирал грчкиот парламент и вовел конзервативна, антикомунистичка и ултранационалистичка влада која спроведувала грчка варијанта на фашизмот, инспириран од оној во Италија.

Со оглед на околностите, оние кои протестирале против неговиот режим морале тоа да го прават многу внимателно, а пуштањето во оптек на навидум наивна и игрива песна било еден од начините. За  Лулу велат дека и самата давала поводи за оговарање, со своето слободно однесување и менување партнери. Но и другата страна не била имуна на веќе воспоставен стереотип - грчкиот музички жанр „ребетико“, музиката на маргинализираните уживатели на хашиш и на работничката класа и претходно била потиснувана и забранувана, па ова дошло како само уште една репресија во долгата низа (за графичка новела за ребетико види претходно осврт тука). Додуша имало музичари што се спротивставиле и на ова - еден од нив кога дознал за забраната бил на сцена и изјавил: „Ќе ја пеам Варвара дури и ако ме натераат да го испијам“ (се мисли на рицинусово масло - популарно средство користено за изнудување признанија). 

На крајот на таа година издавачот, композиторот и авторот на стихови, пејачот и 90 продавачи на плочата биле изведени на суд, иако повеќето се извлекле со парични казни и опомени. Не поминало долго време, излегле нови верзии од песната - истата мелодија но други женски имиња (на пример, „Марика учителката“). И тие веднаш биле забранети. Но кога во 1940 започнала грчко-италијанската војна, истата мелодија била искористена за песната против Мусолини „Слушни ги Дуче вестите“. Всушност, во основата на сите овие верзии најверојатно стои народна песна од - Лезбос. 

31 март 2025 - 10:32