„Ако“ ден - кога Канада симулирала масовна инвазија на нацисти

Винипег, 1942. Армија „нацисти“ во холивудски костими го напаѓаат градот на -24 степени Целзиусови. И за неколку часа целосно го заземаат. 

Иф деј (Si un jour или Ако еден ден) била симулирана нацистичка инвазија и окупација на канадскиот град Винипег во Манитоба и околните области на 19 февруари 1942, во текот на Втората светска војна. Настанот бил организиран за да промовираат државните обврзници за финансирање воени операции и други трошоци за време на војна, за да се одбегне зголемување на даноците за целото население и да се контролира инфлацијата. Целиот „проект“ бил раководен од тогаш познатиот бизнисмен, Џ. Д. Перин. 

Автентичните елементи на „инвазијата“ вклучувале: вистинско затемнување на градот; радио предупредувања кон жителите на рурална Манитоба за да се одбегне паника кога ќе слушнат што се случува во градот; логор за воени затвореници; симулација на вооружена престрелка (која додуша вклучувала реален динамит) и испукување „ќорци“ од артилерија кон наводни непријателски авиони што го надлетувале градот. Весникот Винипег трибјун бил преименуван во Дас Винипегер Лугенблат (Лажни вести од Винипег), а „нацистичкото“ издание вклучувало цензурирани колумни и насловна страница целосно на германски. Во него имало и тотално несмешни вицеви на кои сите членови од семејството морале да се смеат гласно и истовремено, во спротивно им следувал затвор. Официјални предавања требало да ги упатат граѓаните како подобро да го разбираат германскиот хумор. 

И тоа не било сè. Пред градската библиотека на Винипег биле горени книги (додуша само оние кои претходно биле и онака селектирани за уништување поради старост или оштетеност). Канадската валута била заменета со лажни германски рахјсмарки. Во локалното училиште директорот бил уапсен и заменет со „подобен“ наставник, а на децата им било дозволено да си одат од школо во 11:30 за да можат дома да слушаат радио драма „Свастика над Канада“ на државното канадско радио. 

Иако сето ова било најавувано со денови, сепак имало и такви кои не биле информирани и доживеале шок. Но ефектот бил навистина огромен. Симулацијата завршила до 17:30 со парада и реклами - населението да купи обврзници „за ова да не се случи и тука“. На тој ден биле собрани над 3 милиони канадски долари. 

29 март 2025 - 09:45