Што ни кажуваат имињата на ракетите за стратегијата на државите кои ги поседуваат?

Текстот е за вооружување, но спаѓа во категоријата психолингвистика. Затоа што јазикот не служи само како средство за комуникација, туку изборот на зборови може да го интензивира или да го минимизира значењето на кое и да е прашање. Номенклатурата на стратешките ракетни арсенали, особено во јужна Азија, е поврзана со религискиот, историскиот и културниот контекст, а целта е моделирање на јавната перцепција и на динамиката на регионалната безбедност преку именување на - ракети.

Религијата и културата играат централна улога во моделирањето на националниот идентитет во Јужна Азија. Именувањето на оружјата долж овие линии им помага на политичките и на воените елити да се здобијат со легитимитет, особено кога станува збор за јавност која е со ниска стапка на писменост. Поврзувањето на системот на вооружување со историската меморија на овој дел од континентот ги засилува националистичките чувства и го зголемува значењето на воената подготвеност (согласно на тоа и буџетите што се одвојуваат за оваа цел). 

Така, повеќето од имињата на пакистанските ракети алудираат на историски легенди и на исламски референци. Со тоа тие откриваат стратешки избор, да ја врамат одбраната на земјата како таа да е втемелена во исламот и во националноста. На пример, една пакистанска ракета се вика Хатф (Смрт), а така се вика мечот на пророкот Мухамед. Ова е остро предупредување, дека каков и да е обид за напад врз суверенитетот на Пакистан ќе биде пречекан со железно сечиво. Слично на тоа, Ра'ад, на арапски гром, го симболизира исламскиот концепт на божествена казна. Тенкот Ал-Калид е именуван по Калид бин Валид, исламски командат за кого се верува дека никогаш во животот не бил поразен. 

Сепак, некои имиња на ракетите кои се од понов датум можеби претставуват постепена промена во пакистанското стратешко мислење и свртување кон подефанзивна стратегија. Така, „Типу“ (2017) е именувана според мислимански херој кој ја бранел својата татковина од странски освојувачи. Абабел се поврзува со легенда во која птици ја штителе Каба од армија слонови (акцентирајќи ја симболиката на одбрана на Пакистан и неговата мала територија наспроти поголем непријател како Индија). Овие одлуки за именување се само една од многуте алатки за моделирање на јавната перцепција. 

Слично на ова, и етимологијата на вооружените системи на Индија влечат корени од мешавина на хиндуска верска митологија, култура, историја и стратешко размислување. Историски, именувањата на ракети во Индија често рефлектирале одбранбен став и придржување на политиката на „страна која не лансира ракети прва“. На пример, ракетата Притви, именувана според махараџата Притви Раџ, кој ја бранел татковината од муслиманскиот освојувач Шахуб дин Гаури од 1996.

Но неодамнешни имиња кои се даваат на индиски ракети имаат поагресивна симболика споредено со претходните. Така Агни Прајм (2021) е именувана според ведската божица на огнот. На овој начин Индија воспоставува врска помеѓу своите нуклеарни можности и своето верско наследство, нагласувајќи ја уништувачката природа на овие оружја преку името Агни. Слично е и со Пралај, што значи „уништување“ на санскрит, или Тришул, копјето со три бодежи кое се поврзува со Шива. 

Ова се само мал број примери за суптилната политичка моќ на јазикот во поддршка на градењето национални наративи, евоцирање на воена историја и верски асоцијации, како имплицитно оправдување на агресивната употреба на системи на вооружување. 

извор

25 март 2024 - 20:44