Дали бојата е физички ентитет, нешто што објективно постои? Или е нешто кое зависи од индивидуалната перцепција? Можеби обете нешта истовремено?
За да го објасни овој феномен нова изложба во музеј чие целосно име е Купер Хјуит Смитсонијан музеј на дизајнот во Њујорк претставува скоро 200 предмети, од лепеза направена од пердуви од паун од 19 век, до мекинтош компјутер. За да се обезбеди соодветен теориски контекст, истовремено се ставени на располагање стотина ретки книги од библиотеката Смитсонијан, која ги претставува делата на клучните мислители кои помогнале да гледаме на боите со нови очи - научно, филозофски, па дури и музички.
Една од најстарите книги на изложбата е првото издание на „Оптика“ на сер Исак Њутн од 1704, чиј поднаслов е „Трактат за рефлескиите, рефракциите, инфлексиите и боите на светлината“. Славниот научник во неа ги опишува резултатите од своите експерименти, а ја вклучува и првата колор-палета (во форма на круг) направена врз научни принципи. Тој покажал дека светлината се состои од различни нијанси - црвена, портокалова, жолта, зелена, сина, индиго и виолетова - како и тоа дека боите се создадени од различни мешавини на истите.
Уште една личност која имала огромно влијание врз разбирањето на бојата е германскиот поет Гете. Во 1810 во неговата „Теорија на боите“, која е исто така изложена во поставката, тој го критикува Њутн, велејќи дека бојата не е нешто што може научно да се мери, туку често е субјективна работа, врз која влијае индивидуалната перцепција и околината.
Поврзано со овие идеи е изданието од 1839 на индустрискиот хемичар и теоретичар на боите Мишел Еуген Шеврол, под наслов „Законот на истовремени контрасти“. Тој вовел нови идеи за тоа како боите на два различни предмета можат да си влијаат едни врз други - на пример дека истата нијанса сиво може да изгледа посветло или потемно во зависност од позадинската боја врз која е поставена. Иако ваквите концепти имале големо влијание врз цел опсег области, особено врз импресионистите и пост-импресионистите, тие всушност биле резултат на многу практични маки на еден француски изработувач на текстил, фрустриран од „тапоста“ на своите бои.
Како што почнало помасовно производство на синтетички бои во 19 век, станало неопходно да се направи и поконзистентен систем за класификација на боите. Милтон Бредли, производител на друштвени игри кој истовремено правел и креони и друг прибор за сликање, во својата книга „Елементарна боја“ тврдел дека сензитивноста за бои е нешто што се учи, слично на музиката. „Ако како дете научиш да ги разликуваш боите тогаш ќе станеш поталентиран подоцна во животот“, велел тој. Ги засновал своите стандарди на ротирачки обоени дискови, со што овозможил бирање на разни бои и нивно комбинирање за различни потреби.
Орнитологот, пак, Роберт Риџвеј го усовршил овој систем на именување бои во сопствената дисциплина. Тој како и голем број други природнаучници ја користел бојата како средство за идентификација на различните видови, и бидејќи не бил задоволен со стандардите кои важеле во негово време, си создал свои.
Ова е само дел од претставените уметници и теоретичари на боите во големата изложба, која содржи и дел во кој се анализира како бојата се користи од дизајнерите и оние кои рекламираат некој производ за да поттикнат продажба или да пренесат одредени пораки. Такви се на пример оние поврзани со мапирање, обележување улици или метро станици и друг вид упатства.Тие укажуваат на тоа дека постојат различни начини на кои боите можат да помогнат во раздвојувањето на предметите и информациите, и во сигнализирањето на нивната хиерархија. Изложбата ја вклучува и мапата на Масимо Вињели на њујоршката подземна железница од 1974, која прв пат ги прикажала различните линии во нивните денешни бои.